На традиционалната зимница ѝ расте цената

Вести

Повеќе шеќер во компотите од овошје, варење на теглите во кои сте ја ставиле зимницата, се само некои од работите што ги прават домаќинките за да избегнат користење хемиски супстанции во домашно приготвените јадења, но и зимници. Ако порано се ставаше конзерванс за туршијата да стои подолго, сол за зелката да не скисне, сега се користат нови модерни методи и тоа не само да се избегне користењето хемиски препарати за долготрајност, туку и за храната да биде поздрава за консумирање.

 

Сето тоа се должи на многубројните интернет-портали, кои наголемо пишуваат за штетното влијание на разните хемикалии, а бидејќи денес секој има пристап до Интернет, па и на социјалните мрежи се споделуваат разни рецепти за готвење во кои е избегнато користењето на хемиските средства, но не само на хемикалии туку и на шеќерот, кој порано бил многу повеќе вклучен во зимниците од овошје.

Слично е и со складирањето на сезонското овошје наменето за бебешките домашни кашички. На социјалните мрежи периодов може да се забележат споделувања искуства и препораки како да го складирате омиленото овошје на вашето дете, без притоа да мора да користите конзерванс или некој друг препарат за долготрајност.

– За да можам во зимскиот период на мојот едногодишен син да му го давам омиленото овошје, одлучив да му направам компот од истото тоа. На социјалните мрежи забележав дека доста мајки го практикуваат овој начин, па одлучив и јас да го направам. Го ставив овошјето во тегли во кои наполнив вода, кои потоа ги сместив во големо тенџере во кое, пак, наполнив вода. Ги варев околу четири-пет часа, по што оставив да се олади, па дури утредента ги складирав во подрум. Не помина ниту една недела, сите тегли ми беа расипани. Не знам дали јас некаде погрешив или едноставно без конзерванс залудно се надевам дека ќе ми траат складираните овошја – разочарано вели Марија К.

Според нутриционистите, традиционалниот начин на презервирање на овошјето и зеленчукот, односно оној начин што го применувале нашите баби не е штетен за здравјето на луѓето.

– Зимниците се традиционален начин да се презервираат овошјето и зеленчукот во текот на зимските месеци, кога истото тоа недостига во свеж облик. Оној класичен начин на кој го правеле нашите баби, дефинитивно е најдобриот и покрај тоа што многу често овошјето се конзервирало со шеќер. Со оглед на тоа што во нашето детство немаше брза храна и мноштво процесирана храна како денес, во никој случај тоа не придонесувало за појава на болести или дебелина во детската или адолесцентната возраст – вели докторката Татјана Гуржанова, специјалистка гинеколог-акушерка, која во Институтот за диететика и нутриционизам во Милано ја добила и својата диплома за нутриционизам.

Таа истакнува дека зеленчукот се конзервирал така за да ги задржи сите потребни минерали и бил преполн со витамин Ц, кој ретко се внесувал во зимските месеци.

– Традиционалниот начин на приготвување зимници е здрав и не содржи конзерванси, транссатурирани масни киселини и други продукти што нашето тело не ги препознава и ги таложи како отрови во ткивата. Денешниот индустриски модерен начин на приготвување е сосема друга приказна. Храната е преполна со отрови наменети за истата таа да трае со години за разлика од традиционално приготвените зимници, кои траеле најмногу пет или шест месеци – заклучува таа.

Според Гуржанова, во денешно време, кога пазарите се преполни со свежо овошје и зеленчук во сите сезони, односно во секој период од годината, сѐ повеќе се напушта традиционалното приготвување на зимницата.

Share

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *