Не се обрнува внимание на квалитетот на суровото кравјо млеко

Вести Сточарство

Националната програма за развој на земјоделството и руралниот развој 2018-2022 година донесена од страна на Владата е добра, но нема доволно апликанти за истата. Ова е ставот на Групацијата за откуп, преработка и производство на млеко при Стопанската комора на Македонија.

На состанокот одржан минатата недела, претставниците од секторот сметаат дека ваквата состојба е поради тоа што во 2017 година повеќе од 50% од средствата не беа искористени затоа што фармерите не се подготвени да ризикуваат.

Со истата треба да се поддржат поголемите производители, а не малите со 3-5 грла кои сочинуваат 92%, односно да се стимулираат професионалните фармери.

Како што информира Стопанската комора на Македонија, претставниците на Групацијата укажале на проблемот со увоз на овци и сметаат дека истиот ќе се појави и при увозот на крави. Анализа на грлата се прави во земјата – извозник и непотребно е истата да не се признава од страна на Агенцијата за храна и ветеринарство, а фармерите да бидат оптоварени со дополнителни давачки кон Агенцијата.

Исто така, велат дека проблем e и доцнењето на инспекцијата по неколку месеци при увоз на грла, па во случај некое од нив ако умре, може да не се признае фактичката состојба, а фармерот да остане без средства од државата.

Според информацијата од Стопанската комора, домашните откупувачи на млеко укажуваат и на сериозен пад на количините на сурово кравјо млеко, што доведе до недостаток на истото кај повеќе млекарници во државата, при што дојде до зголемување на реалната цена на суровото млеко.

-Во новонастанатата ситуација, никој веќе не обрнува внимание на квалитетот на суровото кравјо млеко во поглед на хемискиот квалитет, протеинот е доста намален, додека микробиолошкиот квалитет е влошен повеќекратно, што претставува ризик по млечната индустрија, велат од Групацијата преработка и производство на млеко.

-Агенцијата за храна и ветеринарство нема уште долго да биде флексибилна во однос на прашањето на откуп и користење на млеко кое не одговара според регулативата, во најмала рака тоа ќе биде условно употребливо, што претставува дополнителен проблем кој ги оптоварува домашните преработувачи на млеко, сметаат фармерите.

Тие порачуваат дека потребно е делување во пократки временски рамки, а еден од начините е потполна промена на начинот на субвенционирање на кравјото млеко, исклучиво според целокупниот квалитет и тоа што е можно поскоро.

Можеби е непопуларна мерка за многу фармери кои не ги исполнуваат условите, но со воведување на истата може да се дојде до подобри резултати во најкус можен рок. Одлагањето на таквата мерка веќе неколку години придонесе да се влоши и тој некаков, посебно микробиолошки квалитет, кој фармерите го имаа многу години порано.

Проблем е и немањето национална референтна лабораторија, а покрај неа, потребни се и повеќе приватни овластени лаборатории за дополнителни анализи. Хрватскиот модел, сметаат домашните производители, е најдобар и потребно е истиот во целост да се примени и кај нас, а независни лица да ги земаат пробите.

Потребно е активно учество од страна на Групацијата во телата на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство кои се надлежни за формирање на таквата мерка на субвенционирање, процес кој беше почнат, но веќе неколку години е целосно во прекин, се вели во соопштението од Стопанската комора на Македонија.

Share

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *