Несоодветното колење на свињите носи опасности и кога месото е на трпеза

Вести Сточарство

Европската комисија подготвува нови правила за колење на свињите. Во Брисел интензивно се работи на воведување нова пракса при колењето на свињите во кланиците или кај индивидуалните фармери. Експертите од оваа област сметат дека несоодветниот начин на чување и колење на свињите предизвикува низа опасности по животните, а негативните последици може да се пренесат и кај луѓето кои ги чуваат, а потоа и го конзумираат тоа месо.

Телото кое е надлежно за безбедност на храна при Европската комисија објави студија во која се нотирани повеќе опасности поврзани со благосостојбата на свињите при колење од несоодветен и нестручен персонал како и лошо дизајнирани и изградени објекти. Студијата е направена по барање на Европската комисија, а по добиените резултати се предложени сет на мерки за спречување на опасностите што се појавуваат при колење и производство на месо.

Мотото на студијата е „Од фарма до вилушка“, а Европската комисија ги разгледува тековните одредби за благосотојбата на животните со цел да се создаде поодржлив систем на храна во Европската Унија. Ова според експертите од Унијата треба да биде една научна увертира која дополнително ќе се надградува и ќе биде основа за понатамошно тестирање.

Главната цел на студијата е да се спречи ширењето на инфекции. Комисијата предлага сеопфатен преглед на свињите, како и на самиот процес на колење. На тој начин би се идентификувале опасностите што им ја загрозуваат благосостојбата, како што се стресот на топлина, жед, продолжено гладување и респираторни проблеми.

Податоците од државната инститиција велат дека Заштитата и благосостојбата на животните за прв пат во Македонија е уредена во 2007 година со Законот за заштита и благосостојба на животните. Дополнително, прашањата од оваа област се доуредуваат со подзаконски акти. Додаваат дека Агенцијата за храна и ветеринарство континуирано ги следи измените на нормативната рамка од областа на багосостојбата на животните во Европската унија и го усогласува националното законодавство со неа. Сметаат дека благосостојбата на животните како релативно нова гранка од ветеринарното здравство континуирано се развива и во нашата земја.

„Генерално, одредбите кои се однесуваат на благосостојбата на животните се почитуват од вклучените страни во системот на здравствена заштита и благосостојба на животните. Утврдените недоследности со контролите се отстрануваат во соработка со фармерите и операторите со кои АХВ работи на континуирана едукација. Благосостојбата на животните во кланица е уредена во Законот за заштита и благосостојба на животните и Правилникот за заштита на животните за време на убивање. Одредбите за благосостојба на животните, вклучително и оние кои се однесуваат на колењето на животни во кланици се комплетно усогласени со европското законодавство. Европската легислатива е инкорпорирана и во Правилникот за заштита на животните за време на убивање. Минатата година, Агенцијата за храна и ветеринарство и Одделението за благосостојба на животните, како дел од Стратегијата за благосостојба на животните покрај инспекциските надзори, спроведоа и аудит во сите кланици при што беше констатирано дека благосостојбата на животните се запазува, односно тие правилно се омамуваат и колат,“ велат од АХВ.

Податоците од пописот кој е спроведен од страна на Агенцијата за храна и ветеринарство во комерцијалните фарми и индивидуалните одгледувалишта, биле евидентирани 3 738 свињарски фарми со вкупно 133 598 животни од сите категории. Од вкупниот број попишани животни, 2 399 одгледувалишта се од категоријата фарми кои одгледуваат до десет единки свињи, каде спаѓаат и индувидуалните фармери или одгледувачи.

Инаку во западниот дел од Европа се работи на многу истражувања за благосостојбата на животните. Во Франција и Германија е предложен ист закон со кој се забранува убивање на машки кокошки или попознати како петли со мелење додека тие се уште се живи. Тоа покажува дека свињите не се единствените животни кои подлежат на сурови процеси на колење.

Имено, во случај кога пилето е женско, тоа брзо станува кокошка, и тоа најчесто се одгледува во кафези, но ако е машко тоа не служи за ништо, и затоа се третира на тој начин. За среќа, властите во овие високо развиени земји  го признаа овој суров чин и решија да му стават крај. Во Македонија евидентирани се 3 702 одгледувалишта за живина. Од  АХВ ни соопштија дека се преземаат активности за развивање на модул во електронскиот информационен систем за евидентирање и на бројната состојба на живината.

Преку повисоки стандарди ќе се подобрат здравјето на животните и квалитетот на храната, а со тоа ќе се намали потребата за лекови, а експертите сметаат дека ќе се помогне и во зачувување на биолошката разновидност. Заклучокот на студијата е дека здравите негувани животни се клучни за ланецот на исхрана. Ова секако не се единствените докази за занемарување на благосостојбата на животните, така што се очекува ЕУ и ЕФСА да донесат голем број на нови измени во однос на нивната заштита.

Денар.мк

Share

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *