Никица Бачовски: Во оваа институција влегувам со желба за поддршка на што повеќе земјоделци, преработувачи, занаетчии и останати потенцијални корисници на програмите кои ги имплементира Агенцијата

Вести Интервју

Никица Бачовски е именуван за директор на Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој или Платежна Агенција.

Новиот директор Бачовски најавува позитивни промени, поголема транспарентност, побрзо темпо за уште поголеми успеси кај сите чинители во агро секторот. Истакна дека во оваа институција влегува со желба за поддршка на што повеќе земјоделци, преработувачи, занаетчии и останати потенцијални корисници на програмите кои ги имлементира Агенцијата. Директорот воедно најавува и авансна исплата на субвенциите, подобрен и пофункционален кол центар, подобрена рурална инфраструктура…

Ексклузивно прво интервју на директорот Никица Бачовски за Современо Земјоделство.

Современо Земјоделство: Пред 3 години започнавте успешно да се движите во агро секторот, како дел од тимот на Министерот за земјоделство, и имавте висока клучна улога во МЗШВ… Кое искуство го понесовте од таму, од досега сработеното?

Никица Бачовски: Голем беше предизвикот да се биде дел од менаџментот во министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство. Тоа е институција која ги креира сите програми и политики кои се насочени кон подобрување на условите за земјоделско производство. Од нас се очекуваше внимателно да ги следиме процесите од сеидба па се до продажба. Земјоделците се сведоци дека во многу прилики прецизно беа оценувани потенцијалните нарушувања на пазарите и дополнителната поддршка. Бевме силно посветени на исполнување на ветувањето дека субвенциите ќе бидат редовни и неселективни. Програмите за рурален развој и ИПАРД доживеаа ренесанса со многу нови мерки, многу повици, поддржани млади земјоделци, сточари, овоштари и преработувачи. Искуството кое се стекнува во министерството е тесно поврзано со креирање и програмирање на мерки. Платежната агенција од друга страна е институцијата која е должна сите тие мерки административно да ги имплементира. Да одобри, да исконтролира и да исплати.

 

Современо Земјоделство: Вашиот професионален ангажман продолжува во насока на подобрување на условите за земјоделско производство, развој на руралните средини и имплементација на ИПАРД фондот. Какви предизвици очекувате како Директор на една од најбитните агенции во земјоделскиот сектор?

Никица Бачовски: Изминатите 3 години важат за период во кој се стабилизираше редовноста на исплатата на субвенциите и кога силно се поддржа руралниот развој преку националната рурална програма и ИПАРД. Главниот предизвик секогаш е потребата за уште повеќе и уште подобро. Сметам дека Агенцијата има огромен човечки и кадров потенцијал да биде стимулатор на нови инвестиции во земјоделството и руралниот развој. Во оваа институција влегувам со желба за поддршка на што повеќе земјоделци, преработувачи, занаетчии и останати потенцијални корисници на програмите кои ги имплементира Агенцијата.

 

Современо Земјоделство: Земјоделците и сите засегнати чинители од агро секторот, ќе имаат свој сојузник и несомнено на Агенцијата и требаше млада и свежа крв за да ги започне веќе планираните реформи…Имено одделението СИЗП од МЗШВ преминува во Платежна агенција. Тоа наголемо ќе ја олесни работата и протокот на податоци…

Никица Бачовски: Системските и технолошки реформи на процедурите при аплицирање, контролирање и исплата на субвенциите се високо на агендата и на МЗШВ и на Платежната агенција. Во тек се консултации за предлог – измени на законот за земјоделство и рурален развој каде што се предвидува СИЗП да премине од МЗШВ во ПА. Нормално, освен технолошкиот аспект, со овој чекор Агенцијата би ги превзела и сите оператори од подрачните единици од цела држава кои работат на ФАРМ регистарот и СИЗП. Со ова, се затвора кругот во имплементацијата на програмата за директни плаќања. Апсолутно во голема мера ќе се олесни работата, процедурите и протокот на податоци од аплицирање до исплата.

 

Современо Земјоделство: Дали ќе има промени во исплата на субвенции, наместо по култура тоа да биде по површина? И кога би се случила воопшто промена?

Никица Бачовски: Површината на едно земјоделско стопанство ќе остане репер за исплатата на финансиската поддршка од програмата за директни плаќања. Во меѓувреме со домашни и експерти од Италија работиме на модификација на програмата која би се случила во блиска иднина со која ќе се обезбеди авансно исплаќање, односно 30-90 дена по аплицирањето земјоделците да добијат 30% од вкупната сума субвенции кои им следуваат, со што значително се помага рентабилноста во работењето. Секако, останатите 70% ќе се исплатат според календарот за исплата кој веќе е добро познат помеѓу примателите.

Современо Земјоделство: На чело на Платежната агенција застанувате како чесен, искусен, млад и амбициозен човек кој од првиот ден вети дека ќе воведе ред и поголема транспарентност… Што конкретно?

Никица Бачовски: Кога зборувам за транспарентност, мислам на поголема видливост на позитивните примери, односно промоција на имплементирани проекти преку националната програма за рурален развој и ИПАРД. Во меѓувреме, потребно е и поголем фокус на елаборација на програмите т.е кои се потенцијални корисници, кои се прифатливи инвестиции, кои се потребните документи и каде може да се добие стручна помош за подготовка на проект. На ова работевме и во изминатите 3 години и верувам дека тоа придонесе за значително поголемиот број на поднесени и поддржани проекти во споредба со изминатите години. Во услови на здравствена криза и строги протоколи за организација на физички настани, ќе ги употребиме социјалните алатки за да допреме до што поголем број на наши граѓани.

 

Современо Земјоделство: Дали конечно земјоделците ќе може да допрат до Платежната агенција, да ги добијат потребните информации без разлика дали тоа ќе биде лично или преку земјоделско здружение? Кои промени ќе ги воведете?

Никица Бачовски: Со технолошките реформи кои ги споменав погоре ќе се обезбеди и поголем пристап на подрачните единици но и на самите земјоделци до административниот тек на имплементирање на мерките. Секој земјоделец кој е спремен сам да аплицира ќе може во секој момент со најава на својот профил да види до каде е барањето. Истото тоа планираме да го обезбедиме и за подрачните единици кои се во најнепосредна комуникација со земјоделците на локално ниво. Истовремено, во ПА постои CALL центар чие функционирање ќе се обидам да го подобрам во смисла на подобра комуникација со земјоделците кои крајно би биле задоволни од нашите услуги и информации. Секако и јас како Директор останувам достапен за секој земјоделец, секој агро-стопанственик и секое земјоделско здружение.

 

Современо Земјоделство: Знаеме дека повиците се изготвуваат во МЗШВ, и вие како човек кој 3 години бевте вклучен токму во тој дел, сте заслужен за успешно реализирани Ипард и Национални програми…сега сте од другата страна, може ли да направите паралела, сметате ли дека е потребна уште поголема поддршка на оние вистински земјоделци?

Никица Бачовски: Како што споменав претходно, министерството ја има улогата на креатор на нови мерки и проширување на можностите кои ги нудат програмите. Во изминатите 3 години за првпат финансиски се поддржаа ЛАГ-овите. Мерката млад земјоделец се објавуваше во 3 наврати, од кој во еден од нив поддршката беше зголемена до 20.000 евра. За сточарите креиравме и мерка за високостелни педигрирани јуници. Се распиша и повик за рурални жени кои сакаат да инвестираат во преработка на земјоделски производи. Со 38 милиони евра се поддржаа 202 проекти за рурален развој и развој на руралните средини преку нови патишта, канализации, водоводи, пазари… ИПАРД ни донесе нови кланици, млекари, винарии, ресторани и хотели во рурални средини, занаетчиски работилници и модерна механизација. Буквално постои поддршка за скоро секаква потреба на потенцијалните корисници. Во иднина со посилен интензитет ќе се посветиме на акредитација на мерката Рурална инфраструктура со која ќе се поддржат руралните општини за проекти со цел подобрување на секојдневниот живот во помалите места. Верувам дека МЗШВ и ПА ќе имаат слух и за сите идеи кои ќе дојдат од земјоделците, стопанствениците и здруженијата за обмислување на нови мерки и повици за активности и инвестиции кои можеби засега не се покриени.

 

Современо Земјоделство: Оваа Влада особено ја потенцира искористеноста на ИПАРД средствата. Може да се каже дека сме лидери на Балканот во искористеност на овие средства. На што се должи тоа?

Никица Бачовски: Уште во 2017 година откако се смени менаџментот во МЗШВ, наидовме на добронамерни критики од Генералниот директорат за земјоделство и рурален развој за дотогашната имплементација и искористеност на ИПАРД средствата. Ни беше укажано дека Платежната Агенција има потреба од кадрово доекипирање, дека ИПАРД програмата бара одредени процедурални олеснувања и дека потребна е институционална проактивност во делот на стручна помош на земјоделците за да ги соберат потребните документи и да изготват добар бизнис план. Благодарение на тогашниот министер Љупчо Николовски позитивно се одговори на сите забелешки, Агенцијата го зголеми својот капацитет, програмата доби модификација со олеснувања а службите од Платежната агенција и АПРЗ работеа напорно за да го доближат ИПАРД фондот поблиску до неговите корисници – земјоделците.

Современо Земјоделство: Дали ќе се поедностават процедурите за идните повици Ипард? Јасно е дека веќе се поедноставени и е олеснета процедурата, но сеуште земјоделците потешко се справуваат, посебно оние кои се занимаваат со сточарство.

Никица Бачовски: Проблемот којшто го имаат сточарите и сопствениците на фарми во делот на аплицирање за ИПАРД ми е добро познат. Овде е потребна вклученост не само на институциите кои гравитираат околу ресорот земјоделство туку и институциите кои се занимаваат со урбанистичкото планирање, општините и Агенцијата за катастар. Знаеме во кој правец треба да се движат разговорите. Потребно е регулирање на имотно – правните односи и правата на користење, градење и реконструирање. Останувам отворен за предлози од засегнатите страни за да се изготви предлог – решение кое ќе биде прифатливо и институционално, но и предлог-решение кое ќе ги задоволи потребите на терен.

 

Современо Земјоделство: Што да очекуваме во блиска иднина? Кои повици ќе се објават во Новата година?

Никица Бачовски: Во изминатиот период речиси и не изостана мерка која беше објавена. Овде зборувам и за националната рурална програма и за ИПАРД. Шанса да аплицираат имаа и младите и жените и производителите и преработувачите. Остануваме посветени на исто темпо, во блиска иднина се очекува да се распише мерката за диверзификација на фармите и развој на бизнис преку ИПАРД програмата. Во месеците подоцна во годината, во консултација со МЗШВ ќе бидат објавени повици за млади земјоделци, механизација, јуници и повторно ќе им се даде шанса на општините, преку нова 3 годишна програма да аплицираат со инфраструктурни проекти наменети за руралните средини и села. Сите наши активности ќе бидат јавни и транспарентни. Следете не.

М-р Билјана Петровиќ

 

 

Share

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *