Министерот Љупчо Николовски и директорот на АХВ, Николче Бабовски, денеска се сретнаа со д-р Будимир Плавшиќ, регионален директор за Европа на Светската организација за здравје на животните.
„На мое големо задоволство, утрово го започнав со пријателска средба со д-р Будимир Плавшиќ, регионален директор за Европа на Светската организација за здравје на животните. Заедно со директорот Бабовски, имавме можност да слушнеме пофални зборови за нашата ветеринарна служба која е таргетирана како една од најдобрите во Европа.
Господинот Плавшиќ истакна дека АХВ е многу позитивно оценета во годишниот извештај на Европската Унија и дека стандардите за здравје на животните кои се носат во рамките на Светската здравствена организација, одлично се применуваат и кај нас. Со оглед дека болестите не познаваат граници и можат да направат глобални катастрофи, ние продолжуваме да ја шириме соработката со експертите од регионот и пошироко.
Со господинот Плавшиќ разговаравме и за продлабочување на соработката и наша поголема вклученост во телата на Светската организација за здравје на животните. Во таа насока, бевме поканети да учествуваме на Генералното собрание кое ќе се одржи во мај, следната година.“, напиша министерот Николовски по повод средбата на својот фејсбук-профил.