Николовски: Раскинати над 200 договори за земјоделско земјиште поради неплаќање закуп

Вести

Министерството за земјоделство ги интензивира активностите во земјишната политика. Покрај досега реализираните осум огласи за давање во закуп 6.972 хектари државни површини, паралелно работи на ослободување на државното земјиште од оние што го имаат во владение, но подолго време за тоа не плаѓаат.

Како што информира денеска ресорниот министер Љупчо Николовски, досега се раскинати вкупно 212 договори поради ненамирен закуп. Во тек се постапките за несовесните субјекти, најпрво преку процесот на медијација.

-Се работи за земјиште што се давало под закуп на најмалку три години. Постапката за санкционирање ќе потрае, уште е во тек процесот на медијација. Сметаме дека веројатно бројот на раскинати договори ќе достигне околу 500 – 600, рече Николовски.

Во неплаќањето закуп за државното земјиште, како што нагласи министерот, предничат Гевгелија, Свети Николе и Куманово.

Николовски на прес-конференција соопшти дека за три недели завршува јавниот повик за доставување понуди за давање под закуп земјоделско земјиште во државна сопственост до три хектара. Најдоцна до 11 јануари следната година, потенцира, сите заинтересирани за овој јавен повик треба да достават комплетна документација со пријава за интерес до Министерството за земјоделство.

Потсети и дека паралалено тече огласот за давање под закуп државно земјоделско земјиште над три хектари, меѓудругото наменет и за инвестиции во преработувачки капацитети.
На јавните лицитации за земјиштето по осумте огласи годинава, досега се склучени 256 договори за 1.295 хектари, а цената за закуп од почетните 800 евра достигнувала до 4.000 или 8.000 евра, зависно од атрактивноста. Најголем интерес за државното земјиште има во Прилеп, Свети Николе, Дојран и Гевгелија.

Share

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *