Министерот Љупчо Николовски, за петок најави исплата на субвенциите за лозови насади – околу 10 милиони евра и додаде дека исплатата на поддршката продолжува.
-До пред три – четири години во месни комитети се правеа списоци кој и кога ќе добие субвенции. Тоа беше најголемиот проблем. Сега постапката е многу транспарентна и исплатата е редовна, неселективна. Верувам дека ќе ставиме крај на етикетирањата, поделбите, партизациите и политизациите во земјоделството. Никој не смее да ги дели земјоделците по ниту една основа и да прави политички поени на нив. Потребни се транспарентност, отвореност, работа, труд, разговори, лобирања, изнаоѓање финансиски средства. Верувам дека овој 2,5 годишен период кога нема да има избори, ќе го искористиме за носење европски, модерни мерки и политики кои ќе го зајакнат производството, потенцира Николовски.
Министерот најави уште еден нов проект за годинава – анализа на производните цени на стратешките култури за да се знае точно колку субвенции или „зелена нафта“ влегува во овие цени.
Според Николовски, воведувањето нови мерки не значи дека тие што ги откупуваат земјоделските производи треба тоа да го вкалкулираат во цените и да ги намалат. Ќе има, рече, остри реакции и контроли за сите манипулации зашто мора да се цени трудот на производителите.