Николовски: Започнуваме кампања за избор на нови 12 локации за консолидација на земјоделското земјиште

Вести Полјоделство

Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски вчера во Куманово присуствуваше на Регионалната работилница за подигнување на свеста за консолидација на земјоделското земјиште. Согласно Националната стратегија за консолидација на земјоделското земјиште 2012-2020 година, Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство спроведува активни национални политики за консолидација на раситнетите земјишни парцели во Република Северна Македонија.

Активностите за реализација на стратегијата за консолидација во тековната фаза, се помогнати од страна на проектот “Воведување на национална програма за консолидација на земјиште (МАИНЛАНД)”, финансиран од Европската Унија, а спроведуван од Организацијата за храна и земјоделство на Обединетите Нации (ФАО) заедно со МЗШВ. На вчерашната работилница министерот Николовски ја најави новата кампања за избор на нови 12 локации за консолидација на земјоделското земјиште.

„Минатата година во рамките на проектот МАИНЛАНД, Министерството заедно со ФАО ги идентификуваше првите 12 подрачја во државата со највисок потенцијал и интерес за консолидација на земјоделско земјиште. Сега за нив во тек е изработка на физибилити студии за изводливост како основа за определување на идните консолидациони проекти. Наодите од првите пет физибилити студии – за подрачјата Царев Двор, Логоварди, Оптичари, Соколарци и Спанчево се очекуваат во март 2019 година. Оваа година, заедно со ФАО ја започнуваме новата кампањата, оваа е втора, во Прилеп беше првата работилница, на 12 март сме во Струмица. Нашето лично присуство навистина сакаме да даде придонес за подигнување на свеста, ако сакаме да зборуваме за модерно и конкурентно земјоделство, окрупнувањето, консолидацијата се неопходни постапки. Оваа година треба да направиме избор на 12 нови подрачја кадешто е потребно и е можно да се реализираат постапките за консолидација на земјиштето“, посочи министерот Николовски.

Малите и раситнети парцели резултираат со ограничен обем на производство, зголемени транспортни и производствени трошоци и неможност за примена на современа технологија и развојни инвестициони планови. Поради неисплатливоста, малите и раситнети парцели неретко остануваат необработени.

Министерот Николовски потенцираше дека со консолидацијата на земјоделското земјиште ќе се овозможи секое земјоделско стопанство да поседува земјиште на поголема парцела, со правилна форма, наспроти малите парцели на различни локации. Тоа ќе придонесе за намалување на  трошоците за обработка на земјоделското земјиште, ќе ја зголеми продуктивноста и конкурентноста на земјоделското производство, можностите за примена на модерни производствени методи и технологии, како и можностите за изградба на нова или подобрување на постоечката земјоделска инфраструктура.

Вчерашната работилница што се одржа во Куманово е дел на овогодинешната кампања за консолидација на земјоделско земјиште која ќе трае во наредните два месеци. Главната цел на работилницата е да се подигне локалната свест и разбирање за придобивките од консолидацијата на земјоделското земјиште. На работилницата присуствуваа земјоделци, сопственици на земјиште, земјоделски организации, претставници на села и локални самоуправи, геодетски фирми, претставници од МЗШВ и АПРЗ, како и други важни локални чинители од Североисточниот регион.

Од страна на претставниците од ФАО и од МЗШВ, присутните на работилницата беа  информирани за принципите и постапките за консолидација на земјоделско земјиште во согласност со Националната стратегија за консолидација на земјиште (2012-2020) и  Законот за консолидација на земјоделско земјиште, како и за тековните активности во рамки на проектот МАИНЛАНД.  Сопствениците на земјоделско земјиште беа исто така информирани како да аплицираат на отворениот повик за изразување интерес за проекти за консолидација на земјоделско земјиште во текот на март и април 2019 година.

Првата регионална работилница за консолидација на земјоделско земјиште се одржа на 5. Март во Прилеп, а следната е планирана во Струмица на 12. Март. Кампањата ќе продолжи и на локално ниво, каде што проектниот тим, заедно со претставници на МЗШВ, ќе посетат неколку целни заедници, вклучително Кривогаштани, Старо Нагоричане, Босилово и Колибари, со цел да им се помогне на потенцијалните кандидати да аплицираат  за локални проекти за консолидација на земјоделско земјиште. Овие активности имаат за цел да помогнат при изборот на нови 12 потенцијални области за консолидација на земјиште во земјата.

Проектот финансиран од Европската Унија “Воведување на Национална Програма за Консолидација на Земјиште”  – или MAINLAND – го спроведува Организацијата за Храна и Земјоделство на Обединетите Нации (ФАО) за да обезбеди поддршка на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство при спроведувањето на Националната стратегија за консолидација на земјиште за 2012-2020 година. Буџетот на проектот изнесува 2,56 милиони евра (финансиран од Инструментот за претпристапна помош на ЕУ (2,5 милиони евра) и придонес на ФАО (61,2 илјади евра).  Истиот ќе се спроведува во времетраење од 3,5 години, почнувајќи од март 2017 до август 2020 година. Главната цел на проектот е да се реши проблемот со фрагментираноста на земјоделското земјиште со цел да се зголеми конкурентноста на земјоделското производство, да се подобрат условите за живот во руралните средини и да се обезбеди одржливо користење на природните ресурси.

Share

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *