Обука за подобрени советодавни услуги за земјоделците преку проектот РАМОНЕС-ПЛ

Вести

За успешни земјоделски практики, прифаќање на иновативни технологии и справување со пазарните и административни предвизици, советодавните услуги имаат незаменлива улога. АПРЗ како давател на тие советодавни услуги кон земјоделците треба постојано да се модернизира и надградува во своите практики.

За таа цел минатата недела на Универзитетот во Годоло – Унгарија, претставници на Агенцијата учествуваа на таргетирана обука во рамките на проектот РАМОНЕС-ПЛ. Проектот „Рурален советодавен систем за следење и проценка поврзан со прецизно учење“ е финансиран од ЕУ преку програмата ЕРАЗМУС+, кој што од македонска страна го спроведува Фондацијата Агро-центар за едукација – АЦЕ. Покрај претставниците од АПРЗ учесници на обуката беа и колеги од советодавните служби на Унгарија и Словачка.

Целта на Проектот РАМОНЕС-ПЛ е да ги зајакне советодавните услуги во земјоделството за подобрување на нивните стандарди преку систем на следење и проценка (Мониторинг и Евалуација) кој ќе биде една симултана поддршка на развој на систем за таргетирана, персонализирана и стручна програма за обука на советниците и создавање на сертификациска шема за квалитет.

Обуката беше во насока на развивање на компетентност за координирање и надгледување во процесот на мониторинг, евалуација и прецизно учење, преку соодветно дизајнирани софтверски решенија. Во наредниот период ваквите решенија планираме да ги адаптираме во АПРЗ како најсовремен метод (дигитален, онлајн, мрежен) за следење на дадените услуги и мониторинг систем. Со тоа ќе го замениме сегашниот традиционален систем на прибирање на податоци и детални информации и ќе го зголемиме квантитетот и квалитетот на податоците, собрани директно од терен, каде што услугата всушност се одвива.

Во наредниот период се планираат пилот активности, каде што на практичен начин преку избрани советници и нивни земјоделци – корисници на советодавните услуги, ќе се тестираат и адаптираат алатките од дигиталниот систем, со цел да се воведат во секојдневното работење на АПРЗ.

На крајот очекуваме да се постигнат следните резултати:

-Подобрена ефикасност при обезбедувањето услуги кон земјоделците.
-Посистематски пристап кон крајните корисници земајќи ги предвид повратните информации за подобрен развој на советодавните услуги.
-Одржување на „базата на знаење“ и спроведување на обуки во рамките на АПРЗ.
-Употребата на шемата „прашања&одговори“ која обезбедува подобрена професионална слика и позитивно препознавање на давателот на услугата.
-Подобрени перформанси на испорака на услуги и зголемен углед на советниците, преку поголемо задоволство на корисниците.
-Подобрено знаење, вештини, зголемени специфични и мултифункционални компетенции на советниците кои ќе доведат до зголемена самодоверба во давањето на услуги.
-Можност за советниците да ги прошират и продлабочат контактите со земјоделците.

Share

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *