Првпат можеме да кажеме дека сме задоволни од откупните цени и од поволната проценка на квалитетот, велат тутунарите и за наредната сезона најавуваат зголемување на површините под тутун за 20 до 25 отсто.
Годинава на производителите ќе им бидат исплатени вкупно 23 милиони евра. Со оваа финансиска поддршка, просечната откупна цена ќе се зголеми на 225 денари или повеќе од четири евра за килограм.
Што се однесува до евидентните листови, тие ќе се издаваат и годинава. Од наредната година со стапување во сила на новиот закон за тутун кој е во собраниска процедура евидентните листови ќе бидат укинати. За прилепскиот регион лани беа издадени 10.300 евидентни листови, а тутунот беше засаден на околу 6.500 хектари. Годинава се очекува зголемено производство, да се издадат околу 11.000 евидентни листови и тутунот да се засади на преку 7.000 хектари.
Тутунарите почнаа да ги носат документите за да извадат евидентни листови, а потоа да склучуваат договори со откупувачите. Велат пак ќе садат тутун, барем како лани, но може и да се зголемат површините.
– Лани имав два декара и добив околу 500 килограми и поминав добро при откупот, изјави Алекса Ристески од Прилеп.
– Јас сум тутунопроизводител од Небрегово. Лани имав преку три тони тутун од 15 декари и ми беше откупен по просечна цена од 221 денар. Можеби можеше и подобро, но таква беше годината. Годинава ќе имам барем исти површини засадени со тутун, но размислувам и да насадам повеќе. Досега немаше проблем за пријавувањето за добивање евидентни листови, вели тутунопроизводителот Блаже Мирчески.
Во Македонија околу 70 отсто од површините засадени со индустриски култури отпаѓаат на тутунот. Од вкупниот извоз во земјоделството, тутунот учествува со 43 проценти. Експертите порачуваат државата и натаму да ја стимулира оваа стопанска гранка.