Поради актуелната состојба со вирусот Covid 19, Агенцијата за храна и ветеринарство, преку видео конференција користејќи ја платформата Zoom meeting, минатата недела одржа работилница за едукација на официјалните ветринари и лиценцираните доктори по ветринарна медицина за воведените обврски на ветеринарните друштва кои имаат склучено договор за извршување на активности од јавен интерес за спроведување на активности за ветеринарни посети со вршење на клинички преглед на одгледувалиштата.
Работилницата, во соработка со проектот ,,Подобрување на спроведувањето на законодавството за здравствена заштита на животните, безбедноста на храна и фитосанитарното законодавство и соодветните информативни системи,, се одржа од 18 до 20 мај и во нејзини рамки, преку видео конференција, учество земаа 128 доктори по ветеринарна медицина.
Работилницата е дел од првиот модул на серијата работилници посветени на новата обврска на ветеринарсните друштва за вршење на ветеринарни посети и спроведување на клинички преглед на одгледувалиште.
Како што беше истакнато на работилницата, од новата обврска за ветеринарните друштва се очекува остварување на неколку цели како што се ажурирање на податоците за идентификација и регистрација на животните, спроведување на вонреден попис при појава на сомнеж или потврдување на заразна болест, рано откривање и нотификација на заразни болести. Новата обврска се однесува и на вршење увид во здравствената состојба и благосостојбата на животните на одгледувалиштата, поедноставување на последователните процедури за движење животни (значајно за секое одгледувалиште односно регион е добивање статус слободно од одредени болести доколку редовно се спроведуваат превентивните мерки и има воспоставено добри биосигурносни мерки).
Новите обврски треба да обезбедат и повисоки стандарди за здравствена заштита и благососотојба на животните и осигурување на јавното здравје и усогласување на операторите – одгледувачите на животни со прописите од областа на ветеринарното здравство.
Во првиот модул на работилницата презентирани беа и образците кои ќе се користат при ветеринарните посети и вршењето на клинички преглед на одгледувалишта за свињи, начинот на внесување на податоци по спроведените ветеринарни посети, како и внесување на податоците од извршениот клинички преглед на одгледувалиште.
Во работилниците кои треба да се одржат следниот период како дел од првиот модул, предвидена е реализација и на неколку обуки кои ќе се однесуваат на ветеринарните посети со клинички преглед во поглед на благосостојбата на одгледувалишта за свињи.
Вториот модул кој според планот ќе се одржи во првата недела на јуни, ќе се однесува на ветеринарните посети со клинички преглед на одгледувалишта за говеда. Агенцијата за храна и ветеринарство ќе организира едукативни работилници во рамки на модулите и за другите видови на животни.