Saturday, April 20, 2024

ОЈО – Кочани оцени дека нема законски пречки за изградба на мини хидроцентралата на Мала Река

Вести

Основото јавно обвинителство од Кочани оцени дека нема законски пречки за реализација на проектот за изградба на мини хидроцентрала на Мала Река кај браната Гратче.

Преиспитувањето на регуларноста за издавање согласност за градење, што беше спроведена по барање на граѓанскиот сектор, заврши со позитивно мислење за инвеститорот, односно дека тој ги исполнил сите законски процедури.

Претходно локалната самоуправа на Кочани ги доставила податоците што јавното обвинителство дополнително ги побара за да утврди дали имало евентуални прекршувања на законите.

– Ние ја доставивме целата документација со која располагаме за да се утврди фактичката состојба. По наше барање, од Обвинителството добивме писмено известување дека инвеститорот постапил соодветно на одредбите, односно нема законски пропуст или прекршување за да ја гради мини хидроцентралата. Имаше реакции во јавноста поради неговата намера, но бидејќи не постојат правни пречки, ние сме обврзани да му издадеме градежна дозвола, истакна градоначалникот на Кочани, Николчо Илијев.

Граѓанските еколошки здруженија од Кочани и понатаму се спротивставуваат на изградбата на мини хидроцентрала на Мала Река, со оценка дека ќе се деградира шумскиот појас и ќе се уништат минималните водни ресурси.

Деновиве здружението „Грин-орг-ко” најави дека ќе почне иницијатива за собирање потписи за организирање локален референдум на кој граѓаните ќе можат да го кажат својот став за ова прашање. /МИА

Share

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *