Опаѓање на плодовите во овошните насади

Вести Совети

Во оптимални услови на развој скоро сите овошни видови обилно формираат цветови. Но, од вкупниот број само одреден процент цветови се развиваат во плодови.

Кај јаболката тој процент изнесува 10-15%, кај крушата 10- 20%, кај сливата 5-10%, кај цреша- та 15-35%, кај кајсијата 10-30%, кај оревот 50-70% итн. Ако временските услови се погодни, може да дојде до поголемо заврзување на плодовите, но сите заврзани плодови не остануваат на овошката до нивната полна зрелост или берба. Во зависност од временскиот период, во текот на вегетацијата доаѓа до поединечно или масовно опаѓање на плодовите од дрвото. Тие временски интервали на опаѓање на плодовите не се еднакви кај сите видови, но за поголем број овошки заеднички се три фази на опаѓање на плодовите и тоа:

  1. Прво опаѓање кое започнува веднаш по цутењето и трае 15- 25 дена;
  2. Второ опаѓање (т.н. јунско опаѓање) почнува од крајот на мај и завршува во јуни;
  3. Трето опаѓање на плодовите кое е со послаб интензитет од претходните и се јавува пред бербата на плодовите.

Првото опаѓање на плодовите настанува како резултат на слабо оплодување, што е директно поврзано и со критичните временски (не)прилики карактеристични за овој период.

Јунското опаѓање на плодовите е карактеристично за јаболчестите и коскестите видови. Во ризичниот период, во зависност од фенофазите, степенот на оплодување, исхраната и временските прилики ја одредуваат родноста на овошката.

Оваа појава се јавува и како последица од недоволна исхранетост на плодовите со азот и јаглехидрати. Во овој период имаме интензивен прираст на леторасти, што се јавуваат како конкуренти на плодовите во потрошувачката на хранливите материи, на водата како и на макроелементите – азотот и калиумот. Оваа појава се интензивира при врнежливо и облачно време, поради одвивањето на послабата фотосинтезта се смалува при топло и сончево време. Во оваа фаза на развој на плодовите опаѓањето е појако кај послабите отколку кај поразвиените гранки, а поизразено е и кај поситните и плодовите со помал број семки.

За да се постигнат поголеми приноси, опаѓањето на плодовите треба навреме да се спречи. Индиректните мерки што ги преземаат овоштарите за спречување на опаѓањето на плодовите, се насочени кон примена на навремени агротехнички мерки (пред се правилна исхрана и наводнување на насадот), со што се обезбедува нормално снабдување на овошките со органски и минерални материи, стабилизирање на имунитетот на овошките, намалување на ризикот од напад на болести и штетници. Со примена на овие мерки значително би се отстраниле причините за јунското опаѓање на плодовите.

 

Автор: дипл. инж. агр. Ламбе Куциноски

Share

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *