Општинските комисии денеска ќе извршат првична проценка на штетите од вчерашното невреме што го зафати струмичкиот регион, информираше на денешната прес конференција во струмичко Муртино, министерот за земјоделство,шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски.
Денеска министерот Николовски, заедно со претставници од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство и со локалните власти, излегоа на терен, во увид на штетите врз земјоделските посеви во струмичко.
Според првичините проценки од поројниот дожд и град е предизвикана штета врз градинарските култури односно пиперката и посевите со пченица, но и материјална штета на објекти и приватен имот. Невремето предизвика штети во повеќе населени места во општина Струмица како и во општина Босилово.
Николовски посочи дека во соработка со општините, се преземаат мерки со цел навреме да се изврши проценката на штетите, а бидејќи од невремето има и материјална штета на објекти и приватен имот, постапката ќе ја вршат Комисиите формирани од општините Струмица и Босилово, кои ќе испратат информација од владината Комисија за обештетување.
„Денеска ќе се изврши првична проценка на штетите, Комисиите во рамки на општините ќе ги направат сите проценки, со цел да се запази постапката што следи понатаму, а која што ќе оди преку општините, потоа до владината Комисија за обештетување која што ги работи овие предмети, се со цел да се донесе соодветна одлука. Она што денеска ни беше целта е навремено, после првичните информации, да излеземе на терен да ги направиме првичните согледувања, заеднички со земјоделците со сите засегнати страни, да се направат првичните проценки околу површините кои се погодени, кои култури, во кои региони и да се делува соодветно согласно постапките за обештетување“, изјави Николовски.
МЗШВ е во постојан контакт и со општина Могила, каде што вчерашното невреме предизвика исто така штети врз земјоделските култури. Општината формираше Комисија која што од денеска започна со увид на терен и проценка на штетите.