Органската храна недостапна во секојдневното пазарење низ маркетите

Вести Органско производство

И покрај тоа што во Македонија се регистрирани над 500 производители на органска храна, мала е понудата на домашни органски производи во супермаркетите. Ова е една од заклучоците на средбата што ја одржаа Организацијата на потрошувачите на Македонија (ОПМ), Асоцијација „Зенит“ и Здружението „Медиа Плус“ во Стопанската комора на Македонија.

На средбата учествуваа претставници на трговските ланци „Веро“, „Тинекс“ и „Рамстор“, како и од Агенцијата за храна и ветеринарство.

Според ОПМ, трговските ланци покажуваат се поголем интерес за пласман на органски производи, пред се заради барањата на потрошувачите, особено младата популација.

– Веќе неколку години ги едуцираме потрошувачите дека органската храна е побезбедна за консумирање и нејзиното производство помалку ја загадува животната средина, велат од ОПМ.

На средбата беше утврдено и дека треба да се зголеми контролата на пазарот за да се гарантира дека она што се продава како органска храна ги задоволува стандардите и правилата на органско производство. Потребна е и поддршка на производителите  од страна на трговците или на државата за нивна поголема застапеност во малопродажбата преку промотивни акции и соодветно истакнување на македонскиот знак за органски производи со цел потрошувачите да го препознаат.

Во дискусијата беше детектиран и  проблемот со  немањето  откупни центри за органска храна, малите произведени количини, како и променливоста на изгледот и квалитетот на свежите производи и флуктуација на цените.

– Проблемите останува да се решаваат преку мерките за унапредување на органското производство. Се очекува состојбата да ја подобри и најавениот кластер за органски производи, истакнуваат од ОПМ.

Средбата ја поддржа проектот „Преминете на органско – потрошувачите во центарот на земјоделската политика“ со средства од ЕУ преку програмата „Одржливо земјоделство за одржлив Балкан“. Со оваа иницијатива беше изработена апликација за мобилни телефони и интерактивна мапа „Органски пат“, со план за патување за посета на центри за производство на органска храна во Македонија, продавници, ресторани и сместувачки капацитети кои имаат органски производи во својата понуда.

Share

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *