Отворено писмо на министерот Љупчо Николовски до претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицковски, нивните пратеници и коалицијата

Вести

Почитуван г-дин Мицковски,

Почитувани пратеници на ВМРО – ДПМНЕ и коалицијата

Ви се обраќам како министер кому примарна задача во овој период на економска и енергетска криза, а на подолг рок и потенцијална криза за храна е да ги решава проблемите на земјоделците. Барам заедно да им помогнеме на овие наши граѓани да се подготват за нови реколти, поголемо производство и подостоинствен живот. Убеден сум и тоа ме води во мојата работа дека никому не оди во прилог ако врз грбот на нашите граѓани се поставува одново и одново прашањето: ,,Кој добива, а кој губи со блокада на Собранието?”. Одговорот е кристално јасен и во континуитет како политичари го добиваме од граѓаните. Пораката е јасна, тие се уморија да не’ слушаат во нашите препирки и несогласувања, затоа е неопходно да се насочиме кон брзо решавање на животните и егзистенционалните приоритети на земјоделците и сите наши сограѓани, особено во време на вакви големи светски кризи.

Сметам дека е време да ги препознаеме обединувачките точки со кои ќе го намалиме растечкото чувство меѓу граѓаните дека во државата владее единствено неединството кое воопшто не е рационално од позиција на земјоделец кој ја чека својата субвенција за да отпочне нова реколта и да овозможи пристоен приход за себе и семејството. Пред вас се закони кои во вакви глобални услови и предизвици не смее, заради политички несогласувања да паднат на грбот на земјоделците. Доколку ја продолжиме политичката (не)култура на нерационални политички битки врз грбот на граѓаните, недовербата и апатијата кај нив само ќе растат.

Почитувани,

Пред два и пол месеци e поднесен предлог на закон за изменување и дополнување на Законот земјоделство и рурален развој до Собранието со кој државата на корисниците на средствата од Програмата за финансиска поддршка во земјоделството за 2022, преку субвенции им помага на тутунарите кога во полн ек е производството на годинешната реколта. Со ова помагаме над 20 000 семејства кои живеат од производство на тутун. Иако вашите политички приоритети, во судир на приоритетите на СДСМ и Владата притискаат за поинаква динамика и агенда, не смееме да ја заборавиме должноста да им помогнеме на земјоделците како и на сите други општествени сектори кои зависат од буџетски средства во форма на различни финансиски механизми со кои државата помага во услови на здравствена, енергетска и економска криза. Сакам да потсетам дека доаѓа период во кој од поддршката на земјоделството и земјоделците и нивниот труд, директно ќе зависи и производството на домашна храна и производи кои ќе ги засегнат повеќе производствени сектори.

Ако сакаме, нашите граѓани да бидат спокојни мораме да покажеме на дело дека сме обединети околу најважните и стратешки приоритети во овој сектор. Мораме да ги антиципираме предизвиците кои доаѓаат во оваа област, а кои ќе ги почувствуваме идната година доколку со време не реагираме.

Сакале или не, политиката е дел од нашето секојдневие, но, не смее да стане пречка за граѓаните кои својот труд го вложиле на нива, во фарма на поле, и кои произведуваат храна. Доаѓањето и останувањето на власт не треба да ни биде единствената кауза, за ова постојат демократски механизми кои се општо познати и воспоставени.

Почитуван г-дин Мицковски, почитувани пратеници, ова писмо не е политички пазар, ова е апел преку кој се обидувам да укажам на потребата од разум и валоризирање на земјоделскиот труд.

Апелирам да се даде приоритет на следните закони преку кои директно и индиректно зависат 20 000 семејства.

 Во продолжение преглед на законите во собраниска процедура:

1. Закон за земјоделство и рурален развој – скратена постапка

Доставен во Собранието на 23.2.2022 година

Законот е важно да биде донесен заради:

За корисниците на средства од Програмата за финансиска поддршка во земјоделството за 2022 година и Програмата за финансиска поддршка на рурален развој за 2022 година да се одложи важењето на условите за подмирени обврски по други основи кои не се од областа на земјоделството, односно обврските за кои е надлежна Управата за јавни приходи, со што ќе се отстранат пречките за исплата на субвенциите на производителите на тутун и останатите земјоделски стопанства кои се корисници на мерките  од Програмата за финансиска поддршка во земјоделството за 2022 година и Програмата за финансиска поддршка на рурален развој за 2022 година

Останати измени:

1.Исплатата на директните плаќања по површина кои се предмет на барањето за финансиска поддршка, а кои не се дополнителни директни плаќања (основни субвенции) ќе се врши пред да се утврди дали корисникот ги исполнува условите за доделување на директни плаќања, а најдоцна во рок од 90 дена од денот на поднесување на барањето за субвенции;

2.Финансиска поддршка во земјоделството за зелена нафта да се зголеми на 100%.

3.Авансна исплата на износ од 40% од вредноста на инвестицијата за мерката за поттикнување на земјоделско производство со која се доделуваат до 20000 евра за млади земјоделци

4. Се прецизира мерката за инвестиции за преработка и маркетинг на земјоделски производи во однос на можноста истата да ја користат и физички лица за инвестиции во комерцијални возила за директна продажба на земјоделски производи и преработки од земјоделски производи

2. Закон за земјоделство и рурален развој

Доставен во Собранието на: 26.8.2021 година

Зошто е важно законот да биде усвоен:

Ќе поттикне земјоделците да формираат задруги. Преку формирање на земјоделски задруги ќе се подобри процесот на организација на производството. (набавка на репро материјали, продажба, маркетинг, окрупнување на земјоделското земјиште)

3. Закон за основање на Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој

Доставен во Собранието на РСМ на: 01.12.2021

Зошто е важно да се усвои законот:

Основната цел на усвојувањето на оваа измена и дополнување е усогласување со Законот за земјоделство и рурален развој во делот на аплицирањето на финансиската поддршка, олеснување на процесот на аплицирање, намалување на административните процедури во интерес на корисниците на финансиска поддшка, можност за редовно ажурирање на податоците во базите и регистрите, зајакнување на институционалните капацитети на Агенцијата, а во насока за навремено постапување по барањето за финансиска поддшка, континуиран процес на обработка на барањата за финансиска поддшка, овозможувајки заокружен процес од аплицирање до исплата.

4. Се дава можноста на право на увид во податоците од ЕРЗС, имајќи во предвид дека Агенцијата сега го води и воспоставува овој регистар и води управни постапки во насока на донесување на решенија за упис, бришење и измена.

Зошто е важно да се усвои законот:

Се овозможува да се намалат последиците од административните процедури и бариери како и трговските бариери кои се уредени согласно договорот со ЦЕФТА.

5.Законот за тутун, производи од  тутун и сродни производи – скратена постапка

Доставен во Собрание на РСМ: 26.1.2022

Зошто е важно да се усвои законот:

Целта на предлог измените е да се надминат проблемите и да се обезбеди правна сигурност при откуп на тутунот и покрај поднесен приговор и да се допрецизира третманот на неферментираниот тутун.

Со измените на законите:

6. Законот за шумите

Доставен во Собрание на РСМ на: 19.11.2020

7. Закон за Државниот инспекторат за земјоделство

Доставен во Собрание на РСМ на: 19.11.2020

8. Закон за шумарска и ловна инспекција

Доставен во Собрание на РСМ: 11.12.2020

Се овозможува конзистентност на правниот систем преку усогласување со Законот за прекршоци – како системски закон и останатите закони кои регулираат конкретни области.

9. Закон за земјоделско земјиште

Доставен во Собрание на РСМ на: 5.11.2020

Зошто е битно да се донесе законот:

Ќе се овозможи да се создадат законски претпоставки за спроведување на Законот за земјоделско земјиште, да се подобри ефикасноста на постапката за користење и располагање со земјоделско земјиште во државна сопственост.

Со почит,

Љупчо Николовски

Министер за земјоделство, шумарство и водостопанство

 

Share

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *