Оваа недела ќе се објави јавен оглас за доделување на земјоделско земјиште за сточари

Вести Сточарство

Владата на Република Македонија на седница донесе одлука за распишување на оглас за доделување за давање во закуп на земјоделско земјиште во државна сопственост за површини над 3 хектари, со намена за производство за сточна храна.

Според планот, вкупната површина која ќе биде предмет на јавниот оглас е на 517 хектари и тоа во следните региони во Република Македонија: Берово, Велес, Гостивар, Дебар, Куманово, Кавадарци, Неготино,Свети Николе, Струмица, Штип и Крива Паланка. Периодот на закуп е во времетраење од 15 години.
Оваа недела се очекува јавниот оглас да биде објавен во Службен весник и во три дневни весници, по што сите заинтересирани ќе можат да конкурираат.

Право на учество на јавниот оглас имаат домашни физички и правни лица и странски правни лица. Физичките лица, треба да се регистрирани вршители на земјоделска дејност, а странските правни лица, имаат право да учествуваат на јавниот оглас доколку имаат регистрирано подружници во Република Македонија.

Големината на површината на земјоделското земјиште во државна сопственост за која може да се даде во закуп на еден учесник за одгледување на земјоделски култури за производство на сточна храна (житни, фуражни и индустриски култури) се утврдува врз основа на бројот на грла добиток (говеда , копитари, овци, кози, свињи и живина) со кои располага понудувачот и тоа за едно говедо или еден копитар, односно 10 овци или кози, односно 4 свињи, односно 100 кокошки, мисирки, гуски, патки или бисерки, се доделува површина од 0,6 хектари. Големината на површината која се може да се даде под закуп сразмерно да расте со бројот на грла добиток во сопственост на понудувачот, но не може да изнесува повеќе од 20 хектари на еден учесник во постапка по јавен оглас.

Целта на ваквиот наменски јавен оглас за доделување на државно земјоделско земјиште во закуп, е да се поттикне и зголеми домашното производство на сточна храна, што за сточарите ќе значи поевтино и посигурно производство, и крајно ќе влијае врз развојот на целокупното сточарство.

Share

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *