Пченицата-стратешка култура во пелагонискиот регион

Вести Полјоделство

За два месеци се очекува да започне жетвата на пченицата во Пелагонија.

Во 2018 година жетвата заврши на засеани 78.000 хектари површина пченица во цела држава. Просечениот принос во државата изнесуваше околу  3.500 килограми по хектар, а откупната цена се движеше од 9 до 10,5 денари по килограм, во зависност од квалитетот.

Во 2019 година, јачменот беше засеан на околу 60.000 хектари со остварен просечен принос на државно ниво од 3,5 тони/ха. Пченицата беше засеана на околу 70.500 хектари со просечен принос од 3,6 тони/ха. Откупната цена се движеше од 9 до 10,5 денари,

Во битолскиот регион производните просечни трошоци за килограм пченица изнесуваат 9,33 денари, во штипскиот регион производната цена е 6,92 денари за килограм а во кумановскиот 8,03 денари за килограм.

Минатата 2019 година производството на пченица се  движеше од 240.000 до 250.000 тони или за околу 4% поголемо производство од 2017 година.

Во пелагонискиот регион, приносот по хектар на пченица е повисок.

-Во пелагонискиот регион имаме повисок принос, односно околу 5 тона на хектар, во некои пелагониски села достигнува и до 8 и 10 тона по хектар, затоа што имаме подобри почвени услови пред се, а и помали штети од временски неприлики за разлика од централниот и источниот дел од државата. Пченицата е наша основна култура, па се надеваме дека доколку се зголемат државните стокови резерви, би се решил пласманот на пченицата, истакна Љупчо Ангеловски за Современо Земјоделство.

Се очекува да започне пријавувањето на субвенции за сите култури од есен 2019 и пролет 2020 година, вклучително и за засадени житарици од есен 2019, со што би се имало јасна слика колкава површина е засадена оваа година, а по жетвата ќе се знае и овогодинешниот принос. Но, ставот на ресорните институции и здруженија е дека бројката би биле скоро идентична како минатата година.

Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство е со став дека и понатаму останува силно фокусирано на окрупнување на површините, на зголемување на производството на домашна пченица, се со цел оваа стратешка култура да се обезбедува од домашно производство со што би се намалиле потребите од увоз на пченица од странство.

 

М-р Билјана Петровиќ

„Современо Земјоделство“

 

Share

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *