Пеце Мицевски: За огласот „Млад Земјоделец“ парите ми беа исплатени во рекордно време

Вести Интервју

Огласот „Млад Земјоделец“ е еден од најпосакуваните огласи кај младите земјоделци. Пеце Мицевски од село Бач, Општина Новаци, е уште еден меѓу многуте, кои со радост раскажуваат за позитивниот одговор што го добиле, и неповратните 10.000 евра кои даваат поттик да се продолжи да се работи во најбитната гранка од општеството – земјоделството.

Пеце има 36 години и активно се занимава со земјоделството од најмала возраст, а оваа година за него беше посебна.

– Аплицирав за огласот „Млад Земјоделец“ по втор пат, не очекував многу, но кога го добив позитивниот одговор, што да Ви кажам, пресреќен бев. Многу ми помогна државата. Токму јас, од село Бач, меѓу 424 други земјоделци, да добијам 10.000 евра, беше вистинско изненадување, – рече Мицевски.

Тој парите ги искористи за да си купи трактор „Солис“ од 75 коња.

-Парите ми беа одма вратени. Тракторот го зедов за Божиќ, а веќе до крајот на април, јас ги имав парите на сметка. Субвенциите за тутунот ги добив неколку недели пред исплатата од „Млад Земјоделец“. Јас сум презадоволен, посебно оваа година, знаете што значи да добиете толкава сума на пари многу порано од тоа што очекувате? Можам да кажам дека министерот многу посветено ја работи својата работа и мисли на нас земјоделците, истакна Пеце.

Пеце обработува околу 20 хектари во село Бач. 11 декари се лично негови, остатокот го работи од луѓе, одамна иселени од селото.

-Оваа година засадив околу 6,5 хектари јачмен и исто толку пченица. Приносот беше околу 4 тона по хектар. Јачменот го оставив за стоката, а пченицата ја чувам складирана, рече Пеце.

Тој има засадено и тунот, на околу 8 декари, и има два и пол тона приноси. Соработува со фирмата „Сокотаб“.

-Тутунот во моментов е најисплатлив агро бизнис.  За последната реколта добив 230 денари по килограм без вклучени субвенции. Со субвенциите од државата цената ми се искачи на 290 денари по килограм. Покачените субвенции кај тутунот, ми даваат голема надеж и поттик се повеќе да работам како земјоделец, -истакна Пеце за „Современо Земјоделство“.

Покрај тоа што обработува земја, Пеце одгледува и 30 говеда.

-Од 30 говеда, оваа година имам 10 молзни крави. Месечно имам по 5 тона млеко, кое го предавам во новата млекара „Ве-милк“ во Битола, каде добивам 19 денари по литар и сум многу задоволен, ни откри Пеце.

Пеце, покрај новиот трактор „Солис“ поседува и утоварач за трактор, балирачка, плуг, тањирача, сеалка…планира преку ИПАРД да аплицира за нова балирачка и за млин за житото.

При нашата посета во неговиот дом, Пеце ни се пофали со новата куќа.

-Направив нова куќа овде во Бач за пристоен живот за мене и моето семејство и не планирам да се селам. Задоволен сум од мерките во земјоделството од државата и токму затоа не размислувам за други опции, планирам сериозно да се занимавам со земјоделството, рече Пеце.

Во моментов активен е оглас за закуп на државно земјиште од државата до 3 хектари, во Битолскиот регион, а во огласот има ниви и во селото Бач. Пеце планира да аплицира, бидејќи многу од парцелите се во близина на неговиот дом.

-Тука има многу земја. Најголема желба ми е уште повеќе да се проширам. Затоа ќе аплицирам за огласот, па се надевам дека и ќе добијам, рече тој.

На крај од нашиот разговор, тој изрази желба да им испрати порака на сите, посебно на младите луѓе кои се двоумат дали да се занимаваат со земјоделство или да аплицираат за некои од активните огласи.

-Пробајте, аплицирајте, ако не добиете првиот пат, вториот ќе биде сигурно. Никогаш да не губите надеж. Земјоделството може да биде многу рентабилно само ако сте упорни, истакна Пеце Мицевски.

Со насмевка не испратија до следно видување. Чест и задоволство е да се биде во друштво на земјоделци кои професијата земјоделец ја сфаќаат многу сериозно и ја работат вредно, од срце, со многу љубов.

 

М-р Билјана Петровиќ за Современо Земјоделство

 

 

Share

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *