Како што беше најавено АФПЗРР го објави повикот за Мерка 3 од ИПАРД со кој 5 милиони евра им стојат на располагање на винската, месната, млечната, мелничката и целокупната преработувачка индустрија.
Повикот се однесува на Мерка 3 за финансиска поддршка за инвестиции во основни средства за преработка и маркетинг на земјоделски и рибни производи.
Финансиската поддршка за овој јавен повик изнесува вкупно 5.028.568 евра, односно 75% средства обезбедени преку ИПАРД програмата и 25% средства обезбедени од буџетот на Република Северна Македонија. Заедно со инвестициските средства од страна на корисниците вкупниот инвестицкиски фонд за оваа мерка изнесува 10 милиони евра.
Финансиските средствата по поединечно барање се доделуваат како неповратна финансиска поддршка, (грант) во износ до 50% од вредноста на вкупно прифатливите трошоци на инвестициите.
Напомена: Заради временската рамка за реализација на активностите од ИПАРД Програмата 2014-2020, крајниот рок за реализација на инвестиции со овој Јавен повик e 31.05.2023 година, додека, рокот за поднесување на барањата за исплата е 30.06.2023 година.
Според законот за основање на Aгенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој – исплатата на финансиската поддршка се врши по донесено решение за исплата од страна на Агенцијата, во рок од шест месеци од денот на поднесувањето на барањето за исплата.
Мерка 3 – инвестиции во основни средства за преработка и маркетинг на земјоделски и рибни производи
Групите на инвестиции по приоритетни сектори се однесуваат на следниве типови на инвестиции:
- Млеко и млечни производи;
- Месо и производи од месо (вклучувајќи јајца и живина);
- Овошје и зеленчук (вклучувајќи ги компирите, печурките и легуминозните култури);
- Житарици, мелнички продукти и скроб;
- Растителни производи и масла и маснотии од животни;
- Шира, вино и оцет:
- Производство на енергија преку погони за преработка и производи од животни од примарната и секундарната биомаса, со исклучок на биомаса од рибни производи.
Во овој јавен повик не се прифатливи инвестиции во градежни објекти, односно изградба, доградба, надградба или адаптација на објекти.
ИНВЕСТИЦИИ ПОВРЗАНИ СО ПРОИЗВОДСТВО НА ЕНЕРГИЈА ОД ОБНОВЛИВИ ИЗВОРИ
Единствено прифатливи се инвестиции за набавка и поставување/инсталирање на фотонапонски панели за производство на енергија за сопствени потреби.
Сите останати инвестиции за производство на енергија од други обновливи извори не се прифатливи.
КОЈ МОЖЕ ДА АПЛИЦИРА
На овој повик може да аплицираат микро, мали и средни претпријатија регистрирани во Централниот регистар на Република Северна Македонија.
Микро
- помалку од 10 вработени
- годишен приход (обрт) до 2 милиони евра
- биланс на состојба до 2 милиони евра
Мали
- помалку од 50 вработени
- годишен приход (обрт) до 10 милиони евра
- биланс на состојба до 10 милиони евра
Средни
- помалку од 250 вработени
- годишен приход (обрт) до 50 милиони евра
- биланс на состојба до 43 милиони евра
Повеќе информации на следниот линк на Платежната агенција каде што е објавен повикот.