Претставници од Телото за управување со ИПАРД при МЗШВ и Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој, во наредниот период во поголем број на населени места, ќе оддржат отворени ИПАРД инфо денови, посветени на Мерка 7 „Диверзификација на фарми и развој на мали бизниси“.
Карванот на инфо денови започна денеска, во Кочани и Берово.
Сите заинтертесирани земјоделци, физички и правни лица, микро и мали претпријатијa, како и задруги, можат да се информираат околу деталите и можностите што ги нуди оваа мерка и може да земат учество во работилницата за ИПАРД, а претставниците на АФПЗРР и на ТУИ ќе им помогнат во добивање на сите одговори околу можноста и начинот да се креираат квалитетни апликации за добивање на средства од Мерката 7.
На овој Јавен повик кој е отворен до 22 август 2021 година, може да се поднесуваат Барања за користење на средства за следниве приоритетни сектори:
- Алтернативно земјоделско производство
- Производство на прехранбени производи и пијалоци и тоа за следните типови на инвестиции:
- Алкохолни производи од овошје и пиво;
- Колачи, тестенини и пекарски производи;
- Чај и билни екстракти;
- Зачини и билки;
- Слатководна риба, ракови и мекотели и
- Други производи кои не се наведени во Листа на производи од Анекс I на Договорот за функционирањето на ЕУ.
- Производство на не-прехранбени производи
- Занаетчиски дејности, кои се во согласно со Правилникот за определување на дејности кои можат да ги вршат занаетчиите
- Обезбедување на услуги во земјоделството
- Развој на услуги за руралното население
- Промоција на руралниот туризам
Како корисници на Мерка 7 се прифатливи и физичките и правните лица кои спаѓаат во рангот на микро и мали претпријатија. Висината на финансиската поддршка се движи од 1.500 до 1.000.000 евра, не вклучувајќи го данокот на додадена вредноста, а повратот на инвестициите е во висина до 65% од вкупните прифатливи трошоци. Проектираниот буџет за оваа мерка е 9.6 милиони евра, со можност за негова екстензија. Ова се сериозни средства кои ќе имаат директен импакт врз развојот на постојните, како и отварањето на нови мали и микро претпријатија кои се мотори на домашната економија
Главната цел на оваа мерка е поттикнување на вработувањата и зголемување на економската активност во руралните средини, преку развој и промоција на руралниот туризам, зачувување и развивање на занаетчиските активности и мотивирање на руралното претприемништво.
Сите информации и потребната документација за овој повик може да се најдат на веб страната на АФПЗРР, www.ipardpa.gov.mk .
Со помош на средствата од ИПАРД 2 програмата, се развиваат, модернизираат домашните компании и земјоделските стопанства, а производите добиваат поголема додадена вредност.