Половина плата оди за храна – како да се заштеди?

Вести

Околу половина просечна плата е потребна само да се наполни фрижидерот со основните прехранбени продукти. Во услови кога цените растат побргу од приходите штедењето станува се понеопходно, но како да се заштеди на храна?

Над 200 евра за да се наполни фрижидерот

Според пресметките на Сојузот на синдикати (СММ) просечната потрошувачка кошница за четиричлено домаќинство во март (најнови податоци) била тешка 32.418 денари. Од нив дури 13.408 денари одат на храна. 10.478 денари се потребни за сметки и одржување на домот, 2.301 денар за хигиена, 2.349 денари за превоз…

Од друга страна просечната плата за истиот месец била 23.694. Оттука буквално половина плата е потребна само за да се наполни фрижидерот!

Како да се заштеди при пазарење?

Иако обично се вели дека не треба да се штеди на храна, сепак постојат начини и за тоа а без притоа да се влијае на квалитетот на она што ќе се најде на трпезата.

Речиси сите синџири на супермаркети имаат сопствен бренд кој е и до 30% поевтин од познатите марки – квалитетот и содржината се исти а цената помала. Не мора да плаќате повеќе само заради одредено име на пакувањето.

Секогаш барајте акциски цени на производите. На попуст може да се оствари заштеда и до 40%.

Сајтовите за групно купување нудат попусти за различни работи – од  храна и алкохол, до подароци и патувања, па со паметен избор може да се заштеди значителен износ.

Цените на истите артикли често осцилираат од град во град, но и од продавница до продавница, па дури и во истата населба. Шетањето од продавница до продавница е напорно но може да придонесе за значителна заштеда. Најголема разлика е забележана кај месните и млечни производи.

Доколку одите на зелените пазари треба да имате предвид дека цените се највисоки во раните утрински часови. Продавачите добро знаат дека треба да ја намалуваат цената како што изминува денот бидејки не им е во интерес да остане непродадено овошјето и зеленчукот особено она кое е лесно расипливо.

Според некои процени, поради лошото планирање, третина од купената храна завршува во канта. Купувајте само онолку колку што ви е потребно и користете ги остатоците од храна- зеленчук за салата, стариот леб за пржени лепчиња…

Зеленчукот за зимница најевтино е да се купи на кванташките пазари, каде што понекогаш голема количина е дури и половина поевтина отколку на зелените пазари.

Тоалетна хартија, хартиени марамчиња, хемикалии за домаќинство, слатки, грицки, на пазарите се и до 30% поевтини од продавниците.

Share

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *