Поради пандемијата растат цените на зелените пазари

Вести

Пандемијата и  временските  непогоди си  го направија своето.Цените   на зеленчукот и овошјето на зелените пазари,   сметаат граѓаните дека никогаш пазарот не бил поскап. Килограм спанаќ се нуди по 100 денари, охридските цреши можат да се купат по цена од 100 до 120 денари, а не се поевтини многу ниту кајсиите, кои ако се малку поситни се продаваат по 80 денари за килограм, а покрупните по 100 денари. Истото важи и за праските, па ако се прошета по пазарските тезги ќе се најдат по цена од 70 до 100 денари за килограм, колку што се продаваат и оние од сортата „нектарини“.

Некои граѓани на прашањето од своите соседи како се цените на пазар, на шега одговараат „како во кинеска продавница, сѐ е по 100 денари“. Иако сме речиси сред лето, не се поевтинети ниту доматите и пиперките, па така убавиот „киндер“ или уште познат како розов домат чини од 60 до 70 денари, а квалитетен пипер од сортата „каврџик“ од 50 до 70 денари. Пазарџиите велат дека нешто поевтин е струмичкиот и чини од 30 до 35 денари.
Економските експерти и претходно кажуваа дека поради пандемијата растат цените на доста прехранбени продукти на светските берзи, а минатата година Организацијата за храна во Обединетите нации (ФАО) кажа дека како резултат на пандемијата се очекува да се зголемат цените на храната. И нашите економисти претходно исто така предупредуваа дека во понатамошниот период може да се очекува во Македонија да растат цените на повеќе прехранбени производи. За тоа што влијае на високите цени на зеленчукот и овошјето на зелените пазари прашавме и во Здружението на пазарџиите, а и некои од продавачите на тезга на пазарите.
– Многу малку пазарџиите влијаат на цените на овошјето и зеленчукот. Доставувачите ги креваат цените на Кванташкиот пазар. Од друга страна, пак, цените се диктирани од понудата и побарувачката, време е на пандемија, а имаше многу невремиња проследени со град и градот уништи голем дел од родот и на зеленчукот и на овошјето, особено праските во делот на Градско, јаболката во Преспанскиот Регион. Тоа е причината што сѐ е скапо на пазарите, а маалските продавнички се малку поскапи од оние што продаваат на пазарските тезги – вели Екрем Долек од здружението на пазарџиите „Просперитети“ и претседател на Комората на трговците.
Не е поевтино ниту јужното овошје, па така за килограм лимон зависно дали е турски или аргентински или, пак, за килограм портокал треба да се издвојат од 70 до 80 денари, а бананите некако стандардно чинат по 60 денари за килограм. Увозните јаболка од сортата „делишес“ се нудат по 80 денари.

– Речиси секој ден цените растат на некои производи. Ако вчера нешто било за 20 денари поевтино, утре може да е поскапо. Колку ќе го продаваме на тезга зависи од тоа колку сме го купиле на Кванташки пазар. Спанаќот на пример сега не му е сезона и затоа е скап, се продава по 100 денари за килограм, затоа што го нема. Нема уште ниту годинашен тетовски грав, а ланскиот се продава за 200 денари килограм. Увозниот грав на пример е поевтин и чини 120 денари за килограм. Краставиците беа малку поевтини, сега се од 30 до 40 денари. И вишните годинава слабо ги има, па се поскапи и ги продаваме од 50 до 70 денари – вели Мамер Салиевски, закупец на тезга на Бит-пазар.
И сезонското овошје во ова време од годината се продава по висока цена, како оваа така и изминатава пандемиска година, па така килограм лубеница чини 20 денари килограм, а дињите се малку поскапи и во зависност од сортата за килограм треба да се издвојат од 30 до 70 денари.
Зелката сега се продава од 20 до 25 денари, колку што чини и компирот, додека килограм лук е 200 денари. Поради слабата понуда и парче модар патлиџан е поскап од минатите години и може да се купи од 25 до 35 денари.

Share

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *