Пошумени 2 хектари со 4.000 садници во Коњаре

Вести

Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, заедно со Јавното претпријатие „Македонски шуми“ денеска извршија пошумување во Коњаре. Пошумувањето е согласно Планот за чист воздух на Владата на Република Северна Македонија.

„Со овие активности придонесуваме за здрава животна средина, што е најбитно за квалитетен живот на граѓаните на Република Северна Македонија. Во наредниот период носиме низа мерки и политики, преку коишто ќе дадеме силна поддршка на секторот шумарство“, изјави министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски.

Денеска на оваа локација на површина од  2 хектари се засадија 4.000 садници од багрем, даб, јасен и аризонски чемпрес. Вакви акции за пошумување во текот на годината ќе се спроведуваат и согласно Програмата за проширена репродукција во рамки на Министерството за земјоделство,шумарство и водостопанство.

„Ние се враќаме на нашите законски обврски за пошумување, согласно „Посебните планови за стопанисување со шуми”, за кои можам да тврдам дека се стручно извршени од наши вработени и што е најважно со сопствен расад од нашите расадници“, изјави директорот на ЈП Македонски шуми, Зоран Ѓорѓиев.

Во новата Програма за рурален развој, оваа година за мерката „Инвестиции за зголемување на економската на шумите“, се издвојуваат 30 милиони денари. Оваа сума ќе биде наменета за обновување на шумскиот фонд преку формирање на прореди, мелиорација на деградирани шуми, како и директна и индиректна замена на неквалитетната дрвна маса со нови висококвалитетни дрвни видови.

МЗШВ започнува сериозни реформи во шумарскиот сектор, со цел унапредување на шумите и шумарството во целина, преку ново финансирање за проширена репродукција на шуми, како и хармонизација на шумарската политика во рамките на процесот на приближување кон ЕУ. За ефикасна реализација на овие цели, МЗШВ има финансиска и техничка помош од ФАО, конкретно за развивање на методологијата за спроведување национален инвентар за шумите и ќе трае до крајот на година. Шумарството е влезено и во тригодишната програмска рамка на ФАО за Македонија. Дополнително, со европската ИПА 2019, за македонското земјоделство и руралниот развој планирани се 15 милиони евра, со кои за прв пат ќе се финансира и секторот шумарство.

Share

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *