Поставени 11 агрометеоролошки станици во Пелагонискиот регион, за осовременување на земјоделското стопанство

Вести

Единаесет агрометеоролошки станици се поставени на отворени земјоделски обработливи површини во Пелагонискиот плански регион со цел подобрување и осовременување на земјоделското стопанство, рече министерот за локална самоуправа, Горан Милевски кој денеска беше во посетата на Ресен.

Тој посочи дека на овој начин ќе се овозможи подобра информираност на земјоделците за параметри кои се есенцијални за земјоделското производство, како и осовременување на пристапот до тие информации, во рамки на проектот „Иновациите во функција на унапредување на земјоделството“. Исто така, ќе се овозможи и заштитата на животната средина преку воведувањето на современи технологии во земјоделството.

Новите станици треба да послужат за собирање, обработка и прикажување на метеоролошките податоци како и давање правовремена информација за почетокот, траењето и интензитетот на напаѓање на поединечни болести или штетници врз културите, со што ќе се  овозможи прецизно одредување на рокот и начинот за третирање.

Според министерот, идејата е со помош на овие станици, земјоделците да добиваат навремени информации на своите смарт телефони или на компјутер преку пристап на веб страна, за временските услови, влажноста и притисокот на воздухот, кога е поволно време за наводнување, кога има опасност од болести и слично, што пак ќе овозможи унапредување на начинот на одгледување и третирање на земјоделските култури како и на мерките за заштита на животната средина.

Проектот е финансиран од Швајцарска агенција за развој и соработка, додека вкупната вредност на инвестицијата изнесува 2,5 милиони денари.

Покрај поставените 11 агрометеоролошки станици во општините во Пелагонискиот плански регион, изработена е и софтвер програма за администрирање со податоците од станиците и инсталирана во сите административни центри на станиците.

– На овој начин обезбедуваме унапредено менаџирање на мерките за заштита на животната средина во земјоделскиот сектор преку користење на податоци од станиците со цел спречување на прекумерна употреба на хемиски средства реагенси, непотребно наводнување и слично. Се подобрува и спроведувањето на добра земјоделска пракса со навремено искористување на обновливите извори на енергија, соодветно искориститување на агротехничките мерки, соодветна количина на прихрана и останати придобивки од новата технологија со цел олеснување на сезонските земјоделски практики, рече Милевски.

Исто така се овозможува и олеснет пристап до информации за климатските промени за правилно управување со земјоделските култури со користење на податоците од станиците кои ќе придонесат за ефикасно управување со распоредот на агротехничките мерки и  употребата на хемиски адитиви и ѓубрива, појасни Милевски.

Исто така спроведена е и инфо кампања за придобивките од проектот и резултатите од станиците со користење на новата технологија и дисеминација на печатени промотивни материјали за начинот на користење на станиците и податоците од нив.

Агрометеоролошката станица  е поставена во овошните насади на средното општинско училиште „Цар Самоил“.

Амбасадорка на Швајцарија, Сибил Сутер посочи дека ваквите проекти се од корист буквално за сите, како за земјоделците така и за учениците на средното општинско училиште.

– Мошне сум задоволно тоа како функционира агрометеоролошката станица која се наоѓа на одлична локација бидејќи ги прикажува сите бенефити и информации кои можат да произлезат за локалните земјоделци и граѓаните. Преку вклучување на граѓаните во соработка со Министерство за локална самоуправа сите заедно донесуваат одлуки односно одлучуваат во кои проекти да се инвестира во регионите што е одличен пример кој треба да се следи во иднина, рече амбасадорката.

Градоначалникот на општина Ресен, Живко Гошаревски рече дека поставувањето на агрометеоролошката станица МЕТЕОБОТ е од голема помош за нашите земјоделци и игра огромна улога во осовременувањето на процесот на производство на јаболка во Преспанскиот регион.

-Агрометеоролошката станица не случајно е поставена во овошните насади на средното општинско училиште „Цар Самоил“, бидејќи  токму во ова училиште се едуцираат нашите идни земјоделски кадри и токму тоа е наша инвестиција во иднината, додаде градоначалникот.

MИА

Share

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *