Потпишан договорот за финансирање на Центарот за развој на Пелагонискиот Плански Регион

Вести

Министерот за локална самоуправа, Горан Милевски, вчера во Битола, во присуство на градоначалниците на Пелагонискиот Плански Регион, го потпиша договорот за финансирање на Центарот за развој на планскиот регион за тековната 2019 година Милевски истакна дека со договорот се утврдуваат активностите кои што Центарот за развој ќе ги реализира оваа година, а коишто произлегуваат од Програмата за развој на Пелагонискиот Плански Регион.

За реализација на оперативните активности на Центарот, поддршката од Министерството за 2019 година е 1,2 милиони денари, и исто толку за реализација на проектите за развој на планскиот регион. Тој ги информираше присутните дека Министерството за локална самоуправа веќе ги има започнато активностите на експертско ниво за подготовка на измените на Законот за рамномерен регионален развој.

„Во изминатиот период не се постигнати очекуваните резултати, развојните разлики се големи, особено меѓу урбаните и руралните општини, додека нивото на услуги во некои населени места е под стандардите. Оваа состојба мора да се менува со ефикасни политики и брзи решенија“, истакна министерот.

Во Пелагонискиот Плански Регион, нагласи министерот, од буџетската програма за рамномерен регионален развој, годинава се финансираат 15 проекти во вкупна вредност од 48 милиони денари. 8 проекти се за развој на регионот, 3 за развој на селата и 4 проекти за развој на подрачјата со специфични развојни потреби. Регионалниот развој се поттикнува со средства од буџетот, но буџетот не треба да биде единствениот извор за финансирање на проектите. Сериозно треба да се смета и на ИПА-инструментот на Европската Унија, затоа што со членството на државата во макро регионалните Стратегии на Европската Унија, можностите се уште поголеми, рече министерот за локална самоуправа, Горан Милевски.

Министерот Милевски најави ефективна соработка за решавање на прашањата кои се одразуваат на ефикасноста и на квалитетот на реализација на проектите и донесување  сериозни одлуки за продолжување на процесот на децентрализација, на трансферот на нови надлежности и на финансиски средства.

Договори за финансирање ќе бидат потпишани со сите Центри за развој на планските региони за да не се доведе во прашање нивното тековно работење.

 

Share

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *