Потпишани првите договори од третиот повик од ИПАРД 2 програмата во вредност од 137 илјади евра

Вести

Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Трајан Димковски и директорот на Агенцијата за финансиска поддршка во земјодеството и руралниот развој, Николче Бабовски, ги доделија првите десет договори од Мерка 1 „Инвестиции во материјални средства на земјоделски стопанства “од третиот повик од ИПАРД 2 програмата.

Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Трајан Димковски, истакна дека оваа мерка овозможува кофинансирање на трошоците за набавка на мотокултиватори, балирачки фрези, косачки,  системи капка по капка, опрема  за благосостојба на животните и унапредување на домашните фарми, инвестици во реконструкција и изградба на фарми и други инвестиции кои ќе овозможат земјоделците полесно и на побрз начин да ги извршуваат работите кои ги имаат на нива или на фармите и да го модернизираат производството.

„Првите 10  договори за Мерка 1 „Инвестиции во материјални средства на земјоделски стопанства“ од ИПАРД 2 програмата, се со вкупна вредност од 137 илјади евра. Со финализирање на целата процедура во текот на месец септември очекуваме да се потпишат околу 800 договори во вредност од близу 10 милиони евра. “- истакна Димковски.

Директорот на АФПЗРР, Бабовски посочи дека апликациите се обработуваат забрзано се со цел апликантите побрзо да ги модернизираат земјоделските стопанства а парите кои се вложиле во инвестициите да се вратат на сметките на апликантите.

„На првиот повик од ИПАРД 2, склучени се 947 договори, и со побарана сума од 21.7 милиони евра . Од овие 947 договори,  872 апликанти веќе ги завршиле инвестициите и доставиле барање за поврат на 14 милиони евра. Додека на 483 апликанти веќе целосно им се исплатени средствата кои им се прифатлива инвестиција и кај нив се исплатени 6.7 милиони евра средства кои се свеж капитал во агро – секторот. “- истакна Бабовски.

Бабовски и Димковски, апелираа до сите кои имаат потреба од модернизација на земјоделските стопанства да аплицираат за добивање на средства преку ИПАРД 2 програмата. Дел од апликантите кои потпишаа договорори истакнаа дека со помош на новите машини кои ги набавуваат со финансиска поддршка преку  ИПАРД 2 програмата ќе им ги намали трошоците и ќе ги направи поконкурентни.

МЗШВ и АФПЗРР и во наредниот период ќе продолжат посветено да работат на создадење на квалитетни и целосни апликации, искористување на што поголем процент од расположливите средства преку овие програми се со цел унапредување на домашното земјоделство, зголемен извоз и конкурентни производи.

 

Share

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *