Повеќе од половина од потрошувачите не ги читаат декларациите кога купуваат храна

Вести

Речиси за сите македонски потрошувачи (91 отсто), означувањето на храната, односно информациите напишани на пакувањето на храната и на пијалаците се важни. Педесет и еден отсто од нив сметаат дека се многу важни, а 40 отсто дека се важни, додека само 9 отсто од потрошувачите сметаат дека означувањето на храната не е важно.

Сепак, кога станува збор за тоа дали ги читаат информациите на пакувањето пред да одлучат да купат храна или пијалак, само 47 отсто потрошувачи тоа го прават секогаш, а преостанатите тоа го прават понекогаш, ретко или никогаш.
Ова го покажало истражувањето што го направила Агенцијата за храна и ветеринарство, а се однесува на тоа дали граѓаните ги читаат информациите на декларациите пред да купат производ.

– Причините поради кои никогаш не го читаат означувањето се немање навика (30 отсто) или интерес (16 отсто), недоволно знаење како да се протолкуваат информациите (14 отсто), ситни букви/мал фонт (10 отсто), недоверба во информациите на декларацијата (9 отсто). Основни информации што потрошувачите ги читаат од пакувањата на храната се датумот на истекување на трајноста (68 отсто) и името на производот (47 отсто). Околу една третина од потрошувачите секогаш ги читаат и земјата на потекло (35 отсто) и листата со состојки (34 отсто). Нутритивната вредност, содржината на алергени, препорачан дневен внес, помалку се читаат – велат во АХВ.

Share

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *