Повик за учество на Tендер за извршување на Консултантски услуги за консолидација на земјиште во Северна Македонија, Фаза. II – Планирање на распределба на земјиште во Кожле

Вести Огласи

Во рамки на проектот финансиран од Европската унија “Воведување на Национална програма за консолидација на земјиште” (МАИНЛАНД), спроведуван од Организацијата за храна и земјоделство при Обединети нации (ФАО) во соработка со Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, објавен е јавен тендер (Референтен број: 2020/CSAPC/REUDD/106855) за извршување на “Консултантски услуги за консолидација на земјиште во Северна Македонија Фаза. II – Планирање на распределба на земјиште во Кожле”.

Селото Кожле е дел од Општина Петровец во близина на Скопје.

Врз основа на резултатите од Студијата за оправданост (физибилити студија) неодамна спроведена во консолидационото подрачје Кожле, консултантските услуги што ќе треба да се спроведат во рамки на објавениот тендер вклучуваат: проценка на вредноста на земјиштето и подготовка на План за распределба на земјиштето преку процес на партиципативно преговарање со сопствениците и корисниците на земјиштето, во согласност со Законот за консолидација на земјоделско земјиште и друга релевантна легислатива.

На тендерот можат да учествуваат овластени геодетски компании кои се регистрирани во Регистарот на вршители на работи во функција на консолидација на земјиште при Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство на Република Северна Македонија, во согласност со член 9-а од Законот за консолидација на земјоделско земјиште.

Со цел да имаат пристап до тендерските документи и да можат да поднесат понуда, заинтересираните компании треба прво да се регистрираат на Порталот на Обединети Нации за глобален пазар – United Nations Global Marketplace portal (УНГМ-UNGM) на: https://www.ungm.org/Vendor/Registration, бидејќи само регистрираните компании ќе имаат право да учествуваат.  После успешна регистрација  компаниите ќе можат да пристапат до тендерските документи и да ги поднесат своите понуди преку истиот UNGM портал  (https://www.ungm.org/Account/Account/Login).

Крајниот рок за поднесување на понуди за тендерот е 8 октомври (четврток) 2020 година до 09:30 часот.

 

Повеќе информации:

Консолидационото подрачје Кожле е дел од Општина Петровец. Toa oпфаќа 57,17 хектари (ха) земјоделско земјиште, расцепкано на 216 парцели поседувани од 42 сопственици. 90% од сите земјишни парцели во Кожле се помали од 0,5 ха. Сопствениците поседуваат во просек по 5,1 парцели, најчесто просторно оддалечени една од друга и со неправилна форма, што негативно влијае на продуктивноста и ефикасноста на земјоделското производство во кое доминираат житарките (пченица и ‘рж). Иницијативата за консолидација на земјиштето во Кожле, произлезена од локалните сопственици на земјиште, беше поднесена и избрана во рамки на Вториот јавен Повик за изразување на интерес за учество во консолидација на земјоделско земјиште на проектот МАИНЛАНД, објавен на 13 јуни 2019 година.

Како прв чекор во процесот на консолидација, беше спроведена Студија за оправданост за консолидација на земјиште во Кожле во периодот мај – август 2020 година. Студијата ги испита структурата на земјоделското земјиште и земјоделското производство во Кожле, состојбата со сопственоста на земјиштето, сите имотни и правни прашања, и го оцени интересот и посветеноста на сопствениците да учествуваат во процесот. Деталната анализа утврди дека спроведување на консолидација на земјиштето во Кожле е изводливо и дека 90% од сопствениците се заинтересирани за консолидација на земјиштето. Поради разновидноста на теренот, високиот потенцијал за мобилност на земјиштето (купување, продажба и размена на земјишни парцели), достапност на државно земјоделско земјиште и фактот дека подобрувањето на инфраструктурата не е економски оправдано заради топографските карактеристики на теренот, Студијатата за оправданост даде препорака да се продолжи со Планирање на распределба на земјоделското земјиште во Кожле, по принципот на распределба без промена на границите, како втората фаза од процесот на консолидација на земјиште.

За проектот:

Проектот “Воведување на Национална Програма за Консолидација на Земјиште” (МАИНЛАНД) e финансиран од Европската Унија, a го спроведува Организацијата за храна и земјоделство при Обединетите Нации (ФАО) за поддршка на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство при спроведување на Националната стратегија за консолидација на земјиште за 2012-2020 година. Буџетот на проектот изнесува 2.86 милиони евра (финансиран од Инструментот за претпристапна помош на ЕУ (2.5 милиони евра) и придонес на ФАО (0.36 милиони евра).  Истиот се спроведува во времетраење од 54 месеци, почнувајќи од март 2017 до август 2021 година. Главната цел на проектот е да се реши проблемот со расцепканоста на земјоделското земјиште со цел да се зголеми конкурентноста на земјоделското производство, да се подобрат условите за живот во руралните средини и да се обезбеди одржливо користење на природните ресурси.

Веб страна на проектот: www.fao.org/in-action/mainstreaming-national-land-consolidation-programme/mk/

Овој канал не треба да се користи за да се добијат појаснувања за прашања поврзани со самиот тендер. За таа цел треба да се користат исклучиво канали наведени во тендерската документација.

 

Share

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *