Група пратеници во Собранието предложија измени на Законот за тутун, производи од тутун и сродни производи, по скратена постапка.
„Целта на Предлог-законот е да се надминат проблемите на правните лица при упишувањето на истите во соодветните регистри и да се даде можност на оние правни лица кои се истовремено и производители на производи од тутун и сродни производи и увозници/извозници на производи од тутун, а кои ги исполнуваат условите за упис наведени во Законот за одделните регистри, да бидат и запишани во истите.
Исто така, цел на Законот е да се уреди кој ја пропишува формата, содржината и начинот на водење на регистарот, односно да се даде основ за донесување подзаконски акти со кои ќе се пропише нивната форма, содржина и начин на водење.
Цел на Законот е да се пропишат случаите при кои Министерството за економија ќе може да врши бришење на правните лица од соодветните регистри, што ќе овозможи истите да се ажурираат.
Со измената на членот 54 се овозможува флексибилност во примената и практично прилагодување со нови стандарди, применливи на електронски уреди за употреба на несогорливи производи од тутун.
Исто така, една од целите на оваа предлог-измена е давање на правен основ за донесување на посебна Стратегија за производство на тутун за период од седум години.
Дополнително, со цел спроведување на Амандманот XXXIII од Уставот на Република Северна Македонија (Службен весник на Република Македонија број 6/19) потребно е да се изврши соодветната измена“, се посочува во законското образложение.