При крај е изградбата на браната „Конско“, ќе овозможи наводнување на нови 4.000 хектари земјиште

Вести

Навремено обезбедување чиста вода за наводнување на нови 4 000 хектари земјоделски површини е клучната функција на браната „Конско“ како дел од хидросистемот „Гевгелиско поле“, за чија изградба веќе се завршени 80 отсто од градежните работи. Освен за наводнување, акумулацијата ќе се користи за производство на електрична енергија, но и за развој на туризмот, риболовот, спортот и рекреацијата.

Премиерот Димитар Ковачевски, кој денска изврши увид во градежните работи, истакна дека станува збор за еден од најголемите капитални проекти на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство и најголем инфраструктурен проект во гевгелискиот регион каков што немало во изминативе 50 години.

-Оваа вештачка акумулација позитивно ќе влијае на регионот од повеќе аспекти. Клучната функција на браната „Конско“ како дел од хидросистемот „Гевгелиско поле“ е навремено обезбедување на чиста вода за наводнување на земјоделските површини. Со тоа се создаваат неопходните услови за развој на конкурентно земјоделство, зголемување на производството на храна и на регионалниот економски развој. Со изградбата на браната се обезбедува наводнување на нови 4.000 хектари земјоделско земјиште. Освен за наводнување, акумулацијата ќе се користи за производство на електрична енергија, но и за развој на туризмот, риболовот, спортот и рекреацијата, што му дава една нова димензија на овој крај – рече премиерот Ковачевски.

Тој додаде дека како Влада продолжуваат да вложуваат во секој сегмент што во оваа светска криза ќе придонесе за поголемо домашно производство и поттикнување на економијата.

-Затоа ставаме силен фокус на земјоделството како еден од двигателите на македонската економија. Во овие кризни времиња освен со интервентни субвенции, го помагаме земјоделството и земјоделците со вложувања во капитални проекти, кои се со трајни вредности и на долг рок овозможуваат одржливо земјоделско производство. Oваа брана, заедно со останатите инвестиции во водостопанството, како што е и изградбата на системите за наводнување се дел од Националниот план за производство на храна, што за прв пат го донесе оваа Влада, како план кој на среден и долг рок ќе значи зголемено производство на домашна храна и увозна независност – истакна премиерот.

Потсети дека со поволни услови и државна помош се поттикнуваат земјоделците да се насочат кон зголемено производство на стратешките земјоделски култури, да се искористат ресурсите, да се зголеми производството и залихите за домашните преработувачки капацитети, како и дека заради зголемување на производството на стратешките земјоделски култури, особено на пченицата и пченката, дополнителни 6.000 хектари државно земјиште ќе биде поделено на земјоделците.

Share

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *