Прогноза за глобално производство на пченица во 2021 година

Вести

Иако на северната хемисфера, најголемиот дел од пченицата сè уште е во хибернација, а земјите од јужната хемисфера допрва ќе посеат нова пченица, Светската организација за храна и земјоделство (ФАО) собра достапни податоци и објави прелиминарна прогноза за глобалното производство на оваа житна култура во 2021 година.

Според ФАО, глобалниот обем на производство би требало да се зголемува трета година по ред. Но, тој пораст ќе биде значително поумерен од очекувањата на аналитичарите, поради многу високата пазарна цена.

ФАО ја проценува новата глобална жетва на 780 милиони тони. Доколку се оствари, тоа ќе биде нов рекорд, но само шест милиони тони повеќе од сегашниот.

Големи очекувања од ЕУ

Најголем раст на приносите се очекува од Европската Унија, за скоро девет проценти, на 137 милиони тони.

И Велика Британија би требало да се опорави од минатогодишниот минимум, кој резултираше со најнизок принос во последните 30 години. Сега тој би требало да достигне 14 милиони тони поради одгледување на поголеми површини, но и подобри приноси.

Од друга страна, во Русија, последиците од сушата на почетокот на вегетацијата ги намалија изгледите за производство на пченица во текот на 2021 година во споредба со рекордната жетва претходната година. Иако снегот во јануари малку ги ублажи последиците, се претпоставува дека вкупното производство ќе се намали за седум – на околу 79 милиони тони во текот на оваа година. Но, факт е дека руските земјоделци сè уште имаат можност тоа да го надополнат со сеење на пролетна пченица, која планираат да ја посеат на 28,6 милиони хектари.

Во Украина се прогнозира умерен пораст на производството на пченица на просечно ниво од 26 милиони тони, поради поволните временски услови.

Помалку пченица во САД, Австралија и Канада

Во Азија, неколку големи производители, вклучувајќи ги Индија и Пакистан, предвидуваат натпросечен раст на производството, кое, според Агрархауте, е поттикнато од државната помош. На тоа во прилог ќе му биде и поволното време, но и високите цени. Следствено на тоа, Индија очекува жетва од 109, а Пакистан 26 милиони тони.

Според ФАО, досега беа поволни и условите за новата жетва во Кина. Таму годинава може да се очекува нешто поголемо производство, за околу 135,5 милиони тони во споредба со претходната година.

Но во САД уште од октомври минатата година траат неповолните временски услови, а екстремниот студ во февруари ги намали изгледите за принос, иако површините посеани со пченица се зголемија. Најавено е дека производството на американските земјоделци ќе остане близу до минатогодишното од 50 милиони тони.

Во Канада, каде што најголемиот дел од жетвата се однесува на пролетната пченица што допрва треба да се сее, се проценува дека производството ќе се намали на 34 милиони тони, со малку пониски приноси.

ФАО и австралиската земјоделска канцеларија АБАРЕС прогнозираат значителен пад на жетвата во Австралија. Според тоа, таа би можела да се намали за 25 проценти во следната сезона, бидејќи земјоделците би можеле да ја намалат површината на посевите поради временските услови, а очекуваат 26 милиони тони.

Што е со пченката?

Што се однесува до пченката, во земјите од јужната хемисфера бербата треба да започне во наредните недели. Во Аргентина е посеана пченка на површина од околу 9,4 милиони хектари, а таму се предвидува благ пад на приносот поради премногу врнежи од дожд.

Во Бразил во тек е првата берба за оваа година, која сочинува 20 проценти од вкупните приноси. Според првите извештаи, моменталните резултати од жетвата се многу лоши. Поголеми се очекувањата од следната, бидејќи ќе се зголемат површините под пченка, што се припишува на големата побарувачка и на многу високите цени. Според прогнозите, производството на пченка таму ќе биде на рекордно ниво од околу 105 милиони тони.

Share

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *