Почетокот на ноември донесе високи температури кои се над 20 степени, што буквално личи на пролет, но ваквото топло време негативно ќе влијае на одредени земјоделски култури.
Први на удар ќе бидат житарицата и овошките затоа што првите не можат да се засеат поради суша, а нови овошни насади не може да се подигаат онаму каде нема систем за наводнување. На високи температури се развиваат и штетниците кои ги напаѓаат овошните дрвца.
„Овие временски услови кои сега ги имаме ќе се одразат многу негативно на земјоделството. Роковите за есенска сеидба течат, а нивите не можат да се ораат затоа што е суво, нема влага во почвата, немаше дожд. И она што ќе се засее не може да проникне, или минимално ќе никне. Нови овошни дрвца може да се засадат онаму каде има наводнување, систем капка по капка. Ќе се појават габични заболувања поради топлото време. Ние во Берово сега имаме температури од 13 до 15 степени, што обично не се случува во овој период од годината. Дури има и природни извори кои се пресушени. Сега е потребно да паднат големи количини дожд да се стабилизира состојбата“, вели Весна Севринска, агроном.
Претседателот на Сојузот на синдикатот на земјоделците во Струмичкиот регион, Ристо Велков објаснува дека поради топлото време има вегетација, и уште се берат домати и пиперки кај нив.
„За раноградинарските култури нема штети, уште се берат пиперки и домати. Штети ќе има за житата. Уште нема сеидба и таа ќе се пролонгира, додека да падне дожд. Но, мислам дека и да се сее во првата половина на декември, ќе биде во ред. Климата многу се смени и затоа ова се случува“, додава Велков.
Според УХМР и во следните три дена ќе имаме сончево време со мала до умерена облачност, по одделни котлини со појава на утринска магла и дожд. Температурите ќе се искачат до 22 степени.