Само 4 отсто од регистрираните земјоделци се осигурени

Вести

Климатските промени од година на година ги зголемуваат ризиците од штети особено во земјоделството. Од ресорното министерство апелираат до сите инволвирани страни да се зголеми опфатот на земјоделците кои се осигуруваат од ризик, но сѐ уште најмногу се очекува „пост фестум“, откако ќе настане штета, при што од Владата и се бара надомест за претрпените загуби.

„Од вкупно регистрирани 90 илјади земјоделци само 4% се осигурени со полиса за земјоделско осигурување. Притоа од овие 4 насто кои што купиле полиса за земјоделско осигурување од бројот на регистрирани земјоделци, 85% биле корисници на финансиска помош од функционирање на премиите за осигурување“, изјави Климе Попоски, Агенција за супервизија во осигурувањето.

Само лани државата преку Платежната агенција исплатила 4,5 милиони евра вкупни штети, односно за сите неповолни климатски настани што се случиле оваа година. Охрабрува што годинава интересот на земјоделците за осигурување на ризиците е двојно повисок од лани.

„Оваа година преку постојната мерка за 60% покривање на висината на премијата за осигурување во земјоделството, податоците покажуваат раст. Ако лани биле осигурани 1.500 земјоделци, оваа година бројот на апликации е над 3.000, за што од Платежната агенција се исплатени близу 1 милион евра“, изјави Љупчо Николовски, министер за земјоделство, шумарство и водостопанство.

Од Владата нагласуваат дека е потребно да се зголеми свеста кај земјоделците за потреба од осигурување, но и Агенцијата за супервизија да воспостави јасни правила на игра, а во договорите да нема клаузули со ситни букви што ќе биде гаранција за земјоделците дека претрпената штета ќе им биде исплатена согласно со полисата.

„Потребно е да се постават јасни правила на игра и наместо да плаќаме штети постфестум откако се случиле на неосигурани земјоделци и земјоделски комбинати при што државата годишно издвојува околу 5 милиони евра подобро е тие пари да ги потрошиме на начин да воспоставиме регулатива, земјоделците да ги добијат своите полиси и тие да бидат функционални“, рече Кочо Анѓушев, вицепремиер за економски прашања.

Ова е важно затоа што државата само делумно ги обесштетува земјоделците од претрпената штета, а преку осигурување процентот на покривање би бил далеку повисок појасни Анѓушев. На конференцијата за осигурување во земјоделството беа презентирани и два модела што се користат во Турција и во Шпанија со цел да се подобри постојниот вначин на осигурување од ризик во домашниот аграр.

Share

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *