Сашка Јованова, од село Габревци, општина Конче, е жена која интензивно се занимава со земјоделството, сопруга, мајка на две деца, двајца студенти. Бидејки оваа гранка е битна за егзистенцијата на нејзиното семејство, таа истакнува дека многу битно е земјоделското производство да биде осигурано.
-Животот во село не би го сменила за во град, бидејќи овде се живее по опуштено, порелаксирачки. Во селото животот е прилично тежок, започнува сабајле во 4, некогаш и пред 4. Моментално сме двајцата со сопругот, береме по 5 часа до 10 часа сме на тутунот. Имаме околу 1 хектар пипер за ајвар. Имаме овоштарство-сливи стенлија, па и компир за домашни потреби. Ако си добро организиран и ако работиш плански, можат да се постигнат сите работи, истакна Сашка.
Осигурителните компании во последно време се повеќе приоритет му даваат токму на земјоделскиот сектор.
-Животот е најдрагоценото нешто што го поседуваме и е полн со предизвици, затоа е многу важно да ја планираме иднината, да бидеме сигурни и подготвени за сите изненадувања кои ни ги носи утрешниот ден. Осигурувањето на живот со штедење е долгорочно наменско осигурување, со компонента на штедење и право на учество во добивка. Наменето е за сите кои мислат на својата иднина и на иднината на своето семејство и спремни се да инвестираат во неа, истакна Сузана Петрова Нанчева, од Триглав осигурување.
Сашка Јованова признава дека животот во село не е лесен, посебно за жена.
-Ние сме научени на тешка работа на физичка работа, но проблем ни претставува земјоделското производство што сме под отворено небо,затоа е потребно повеќе едукација и да се осигураме, вели Сашка.
Интересот за осигурување кај земјоделското осигурување, секоја година е се поголем.
-Може да се каже генерално дека постои интерес иако доколку се разгледаат статистиките што ги објавува Агенцијата за супервизија во осигурувањето, во минатата година само 4% од регистрираните земјоделци биле осигурани односно си купиле осигурително покритие, истакна Елена Петровска, од Сава осигурување.
-Постојано воведуваме нови производи коишто нудат вредност и го подобруваат квалитетот на живеење. Затоа го воведовме и фармер плус, пакет производ наменет за оваа целна група. Овој пакет ги зема во предвид најважните аспекти како што се осигурувањето на животот, домот и семејната незгода, истакна Митко Теохаров од Триглав осигурување.
И од Агенцијата за супервизија на осигурувањето ги поттикнуваат земјоделцоте да се заштитат со осигурителна полиса.
-Се почесто друштвата за осигурување лансираат и нудат продукти за земјоделско осигурување коишто на крај на денот значат и многу голема финансиска заштита на самите земјоделци. Затоа викаме дека осигурувањето на земјоделските приноси претставува најдобрата алатка која можат да си ја приуштат земјоделците за да се справат со овие непогоди, истакна Климе Попоски, директор на Агенција за супервизија на осигурување.
Не гледај во небото, осигури се!
„Современо Земјоделство“