Во организација на земјоделското здружение „Современо Земјоделство,“ се одржа традиционалната манифестација „Избор на најуспешни во областа на земјоделството“, финансирана од МЗШВ. На најдобрите земјоделци им беа доделени признанија за успешност во производството и професионалност во работата.
На настанот присуствуваше Градоначалникот на град Битола, Тони Коњановски, кој ги поздрави присутните и истакна дека храната е најважниот сегмент во едно општество а ваквите настани му даваат дополнително поттик и мотивација на производителите. Горд е затоа што Битола е сепак земјоделски град и има со што да се истакне.
Претседателката Билјана Петровиќ, истакна дека четврта година по ред, приzнанија ќе добијат успешни земјоделски производители, реномирани компании и стопанственици.
-Оваа година ни пристигнаа голем број на предлози, кој се, треба да добие признание за својата работа во оваа област. И навистина беше многу тешко да се направи изборот, посебно во кризна година во која се донесени голем број на мерки за поддршка на земјоделството. Затоа, нема да штедиме на убави зборови и признанија за оние кои тоа навистина го заслужиле, за да добијат поттик уште повеќе да се вклучат во земјоделството и тоа да им биде приоритетна гранка и пристојна егзистенција.
Категорија Земјоделци:
1.Тони Жежовски – од село Трн, Најдобар полјоделец за 2022 година
2.Кате Бандеска – од село Канатларци, Најуспешен тутунопроизводител за 2022 година
3.Благоја Кузмановски – село Драгарино, Најуспешен сточар за 2022 година
4.Благојче Груевски – село Црничани, Најуспешен пчелар за 2022 година
5.Анета Марковска – село Радобор, Најуспешна Рурална жена
6.Панде Дамчевски – село Оптичари, Најуспешен млад земјоделец
Консолидацијата на земјоделско земјиште во државата е во активен пораст, со тоа што 7 подрачја се во активна фаза, од нив 3 со веќе изгласани нови планови за распределба, а едно село со целосно реализирана инфраструктура.
Токму поради овој клучен процес во земјоделството, гости на манифестацијата беа претставници од Организацијата за храна и земјоделство на ОН (ФАО ОН), кои им помагаат на земјоделците низ многу проекти. Главната претставничка за Македонија и Тим лидер, Г-ѓа Кристина Митиќ Арсова се обрати пред гостите и потенцираше за важноста на овој процес во државата, како и за тоа колку големи успеси се постигнати во кус период, за што е особено горда. Затоа, додели две признанија и тоа за:
- Село Егри (претседател Љупчо Ангеловски) Признание за Прва успешно спроведена консолидација на земјоделско земјиште
2. „Села Спанчево, Соколарци и Чешиново“ Признание за спроведување на процес на консолидација на земјоделско земјиште во Спанчево, Соколарци и Чешиново.
Признание за највкусна традицонална трпеза добија и жените од село Егри, затоа што за саемскиот дел, ги имаа подготвено највкусните македонски јадења.
-Кети Ангеловска, село Егри Признание за највкусна традиционална македонска храна
-Тања Ристевска, село Егри Признание за највкусна традиционална македонска храна
-Весна Недановска, село Егри Признание за највкусна традиционална македонска храна
-Симона Ристевска, село Егри Признание за највкусна традиционална македонска храна
-Кристина Димитровска, село Егри Признание за највкусна традиционална македонска храна
-Мимоза Митревска, село Егри Признание за највкусна традиционална македонска храна
Се доделија и признанија за земјоделски компании, стопанственици, бизнисмени за нивното успешно менаџирање со што го зголемиле и модернизирале домашното производство на земјоделски производи и нивни преработки.
- СН Осигурителен Брокер. Од своите почетоци, се лидери во земјоделското осигурување. Претставуваат посредници меѓу земјоделцте и осигурителните компании и имаат висок процент на успех и доверба од земјоделците. Токму затоа оваа година добија признание за Лидери во земјоделското осигурување.
- Агрофила е компанија за производство на ладно цедени масла. Агрофила има за цел да врши промоција на здравиот начин на исхрана и да врши едукација на граѓаните за значењето на ладно цедените масла во нивната исхрана и живот. Постои од 2005 година и преставува единствена фирма со таа големина и капацитет која има основна дејност на производство на ваков вид на масла за јадење.
Агрофила – Лидери во регионот за производство на ладно цедено масло
- Агротим е специјализирана платформа за информации од агрокомплексот и агроберза. Функционира како сервис на земјоделците и претставува систем кој ги интегрира сите чинители во овој сектор – Земјоделските примарни производители, преработувачите, откупувачите, трговците и Владата преку доближување на мерките кои се во интерес на профитабилен агробизнис. Приоритет им е едукација на земјоделците преку директни контакти и средби, а со цел приближување на европските стандарди за конкурентно и профитабилно земјоделство. Носители се на многу проекти поврзани со договорното производство на повеќе стратешки производи во државата
Агротим – Признание за Афирмација на договорното производство, едукација и информации за земјоделците и агробизнисмените
4. Флора Фреш е компанија основана од Стефанос Тахмаџидис и неговиот син Теодорос, во 2014 година, во селото Цапари, во битолско, на надморска височина од 800 метри. Регионот има совршени климатски услови за земјоделство и долга историја на одгледување јаболко и коскесто овошје. Овоштарникот се состои од 50 ха засадени со модерни сорти јаболка, цреши, круши. Флора Фреш користи еколошки методи на производство. Растенијата се од расадници со сертификат од ЕУ и се одгледуваат со најсовремена технологија. Сите полиња се сертифицирани од GlobalGAP и растенијата се одгледуваат во строго контролирани услови со минимални агрохемикалии. Имаат над 20 години искуство.
FLORA FRESH – Лидери во модерно и висококвалитетно производство на јаболка, круши и цреши
5.Синпекс претставува семејна традиција долга повеќе од 40 години и на илјадници корисници им претставува знак за распознавање затоа што сите најголеми светски брендови се продаваат само кај нив. Покрај тоа што се брзорастечки во успехот и имаат свои претставништва и застапници низ цела држава, оваа година имаат многу голем повод за славење и признание, затоа што станаа и мултинационална компанија со претставништва во повеќе држави. Имено, тие веќе го уживаат успехот во Босна, со свое претставништво во градот Бјелина, и во Србија, со модерна канцеларија во главниот град Белград и со свои ново отворени продавници во градовите Марковац и Ивањица. Визијата им е да се компанија со стабилна пазарна позиција а нудат ефикасна и стабилна земјоделска, градежна и механизација за парк.
Синпекс – Признание за Мултинационален успех, проширување на пазарот со нови претставништва во Србија и Босна
- Земјоделскиот комбинат Пелагонија со забележителни и големи успеси, добија и признание за Најуспешен земјоделски комбинат во РСМ
Инситуциите имаат заеднички именител, а тоа е развој не само на земјоделското производство туку и на вкупниот рурален и одржлив развој кој е приоротетен во политиките на актуелната власт.
Една од нив е Агенцијата за храна и ветеринарство, која е предводена од директорот Николче Бабовски. Со своето работење, АХВ има за цел да обезбеди постојана грижа за заштита на здравјето на луѓето од болести кои се пренесуваат преку храната, заштита на потрошувачите од заблуда и нивно отворено, чесно и навремено информирање за можни опасности од храната, заштита на здравјето на животните и нивната благосостојба, како и заштита на животната средина
1.Николче Бабовски – Директор на АХВ – Признание за висока професионалност и одговорност кон секторот и граѓаните на РСМ
Уште еден функционер го заслужи нашето признание за професионала поддршка на агросекторот и руралниот развој – Раководителот на сектор рурален развој-г-дин Гоце Георгиевски
2.Гоце Георгиевски – Признание за промоција на здружувањето на земјоделците, модернизација и новитети во земјоделскиот сектор
Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, во време на криза, успева да го менаџира секторот, воведува кризни мерки, помага, се со цел стабилизирање на земјоделството и пристоен живот на секој производител.
3.ЉУПЧО НИКОЛОВСКИ – Министер – Признание за успешно менаџирање на земјоделскиот сектор во време на криза и грижа за домашното производство на храна
Сите кои добија признанија, направија заедничка фотографија. Земјоделците кои добија признание, добија и пакет производи од компанијата Агрофила, од Сн Осигурителен брокер, и по 5000 денари ваучер од организацијата на Современо Земјоделство. Дополнително, директорката на Агротим, Ленче Николовска, додели награда на вредната жена тутунопроизводителка Кате Бандеска.
Современото земјоделско производство е целта кон која се движиме, а тоа може да се постигне со ангажирање на сите чинители во овој процес, земјоделците, институциите и науката. Затоа особена е честа што четврта година по ред доделивме значајни признанија.
ЗЗ Современо земјоделство ќе продолжи да ја исполнува својата мисија за промоција на земјоделството во државата кон сите, со посебен акцент на младите земјоделци, и жената земјоделец, така што преку промовирање на различни поволности и придобивки да можат што повеќе млади луѓе да започнат да се занимаваат со оваа гранка од стопанството.
М-р Билјана Петровиќ