Се гради опточниот тунел на браната Речани кај Кочани

Вести

Во завршна фаза е пробивањето и изградбата на таканаречениот опточен тунел со низводен зафат, со што градежната оператива го реализира главниот хидројазол на новата брана Речани.

Се работи за хидротехнички објект, долг 440 и висок пет метри, што ќе служи за испуштање вода за јавната водоводна мрежа на Кочани, како и за наводнување. Тунелот ќе има електронски затворачи на двете страни, како и еден сигурносен механички затворач.

– По комплетирањето на пробивањето, што е на самиот крај, ќе се постават соодветни анкери и мрежа во тунелот, а потоа истиот ќе се бетонира. Копањето беше во карпи, метаморфни мекашисти, кои се едни од најтврдите, а за среќа на одделни места беа нешто помеки. Опточниот тунел и страничниот преливник се двата клучни елемента од браната. Во моментов се гради и кулата, односно нејзиното плато, над самиот влезен тунел. Со изградбата на тунелот, водата од реката ќе се сврти да тече низ него, па дури потоа може да се работи на насипот, истакнаа одговорните за градбата на браната.

Речани ќе биде камено-насипна брана со височина од 80 и дебелина од 20 метри, а основата ќе биде со должина од околу 280 метри. Лоцирана е во атарот на истоименото планинско село на Осогово, на местото каде што две притоки ја формираат Оризарска Река.

Објектот почна да се гради пред две години и во иднина треба да обезбеди водоснабдување на населението и индустријата од општините Кочани, Виница, Чешиново-Облешево и Зрновци. Исто така, водата ќе се користи за наводнување на земјоделски површини во Кочанско и за производство на електрична енергија.

Вкупната сума за изградбата на браната е проектирана на 1,8 милијарди денари што ги обезбедува Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство од Програмата за финансиска поддршка на земјоделството и руралниот развој.

МИА

Share

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *