Село Дабјани – втора успешна консолидација на земјоделско земјиште во државата

Вести

Село Дабјани во општина Долнени, е втора успешна приказна за консолидација на земјоделско земјиште во државата.

На 15.01.2022 година во Прилеп, се одржа главното собрание во кое, со мнозинство гласови сопствениците на земјоделско земјиште го усвоија предлог планот за распределба на земјоделското земјиште, како завршна фаза во постапката за консолидација во катастарската општина Дабјани.

Преку консолидацијата, се направи голем прогрес, така што од 602 стари парцели, со просечна површина по кп од 1,23 ха се намалија на 127 нови парцели, со просечна површина по кп од 5,84 ха, што е за скоро 5 пати помалку, а вкупната консолидирана површина изнесува 741,52  хектари.

Со овој процес на окрупнување на земјиштето сите новоформирани парцели добиваат правилна форма и поголема површина погодна за земјоделско производство, со обезбеден пристап до патната инфраструктура и системите за одводнување. Сите овие придобивки за земјоделците значат помали производствени трошоци, намалување на времето за обработка, можност за примена на современа технологија, што крајно ќе резултира со модерно и конкурентно земјоделско производство.

Дополнително, со проектот за консолидација на земјоделско земјиште, покрај значителното подобрување на земјишната структура, се очекува да се намали ризикот од поплавување на земјоделските површини.

По усвојувањето на планот за распределба на парцелите во Дабјани, започнат процес за регистрација на новоформираните парцели во Катастарот за недвижности и подготовки за инвестиции во подобрување на земјоделската инфраструктура во консолидационото подрачје. Предвидена е изградба на нови пристапни патишта и нова мрежа на канали за одводнување.

Окрупнувањето на земјоделското земјиште е неопходен процес во насока на подобрување на перформансите и конкурентноста на земјоделскиот сектор и доближување до европските стандарди.  Успехот постигнат во село Дабјани и придобивките од окрупнувањето на земјоделското земјиште кои допрва ќе станат реалност за земјоделците, се очекува да го поттикне интересот за вклучување во процесот и на останатите сопственици на земјиште во другите делови од државата.

Претходно, и Проектот за консолидација во битолското село Егри, во кој учествуваа 214 сопственици на земјиште, успешно се реализира како прв комплексен консолидационен проект во државата, но и во поширокиот регион. Со помош на овој план за прв пат 336 хектари земјоделско земјиште се окрупнија, по принципот на распределба на земјишните парцели со промена на границите, кој вклучува и интервенции во инфраструктурно подобрување.

„Современо Земјоделство“

Share

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *