Штетите во земјоделството од временските неприлики ги алармираат земјоделците

Вести Градинарство Лозарство Овоштарство Полјоделство Пчеларство Совети Сточарство тутун
Во Неготино се одржа втората трибина од едукативната кампања за подигнување на јавната свест за земјоделско осигурување „Не гледај во небото, осигури се“, во организација на земјоделското здружение „Современо земјоделство“ и осигурителени компании, а со поддршка од Владата на Република Северна Македонија.
Идејата за оваа кампања произлезе од потребата за поголема едукација и информираност на земјоделците за важноста од осигурувањето имајќи го предвид влијанието на климатските промени и несигурноста на земјоделското производство како „фабрика на отворено“.
Учество во кампањата зедоа осигурителните компании Триглав, Евроинс, Кроација, Сава и СН Осигурителен брокер АД Битола.
Претседателот на Здружението земјоделци „Современо Земјоделство“, М-р Билјана Петровиќ изјави дека трибините имаат за цел да се добие поголема информираност за начинот и условите за добивање на осигурителна полиса.
-Очекуваме силно позитивни ефекти за крајните корисници, бидејќи ова е единствен проект од ваков вид, каде земјоделците се ставени на прво место, добиваат поголема информираност, а воедно сакаме да ги поттикнеме и на еден неформален начин да ги запознаеме со начините на осигурување. Воедно, се добива јасна слика зошто осигурувањето е потребно, па нашата крајна цел е да се направи многу успешна соработка со осигурителните компании, воведување нови мерки, технологии, што е наш приоритет и за во иднина, истакна Петровиќ.
На трибината учество зедоа голем број на земјоделци, секој со своја приказна, помалку или повеќе задоволен.
-Ние ги осигуруваме нашите посеви и плодови. Но не секоја година сме задоволни. Некогаш е добро, некогаш чекаме многу долго да се направи проценката на терен. Затоа нашиот апел до осигурителните компании по рано да ги испраќаат проценителите на терен, истакна земјоделец од Неготино.
-Јас досега сум немал проблеми со ниедна осигурителна компанија, но сега гледам дека не сум ги знаел сите начини и модели на осигурување кои се нудат. Трибината, која е дел од кампањата  „Не гледај во небото, осигури се“ми беше од големо значење, затоа што на едно место, пет осигурителни компании ни ги претставија моделите и начинте на исплата. Добро е да има почесто вакви едукативни трибини, изјави Димо Станоев од Кавадарци.
Поддршка во осигурувањето добиваат и од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство кое покрива 60 отсто од вредноста на полисата, преку субвенционирање. На трибината стана збор и за превентивата која треба да биде позастапена со цел да не доаѓа до поголеми оштетувања од град кај лозовите и овошните насади, на кои поради застарениот начин на насад нема услови да се постават заштитни мрежи, особено во преспанскиот регион.
-Најбитно од се е што ваквите средби помагаат во поголема информираност и едукација на земјоделците да се користи поддршката во осигурувањето од Министерството за земјоделство, кое покрива дел од трошоците за осигурителната полиса, односно се покриваат 60 отсто од вредноста на полисата, преку субвенционирање. На овој начин ќе се избегнат сите несакани фактори од суша, од град, од поплави, така што земјоделците ќе имаат можност да дојдат до одредени средства преку отштетата што ќе ја исплати осигурителната компанија, изјави Сашко Минов, раководител на ПЕ МЗШВ Неготино.
На трибините земјоделците се запознаваат и со останатите производи што ги нудат осигурителните компании, како осигурување на имот, добиток и животното осигурување.
-Нашата заедничка цел е да ги убедиме земјоделците дека најдоброто решение за нив е да се осигураат, да не зависат од временските прилики, односно да наметнеме свест дека залудно е да се инвестира и да се извршат сите агротехнички мерки доколку не се осигура производството. Тука сме како Влада со поддршка од 60% од осигурителната полиса што се сложија сите дека е голема помош. Исто така овие трибини имаат и двонасочен ефект, односно земјоделците ги кажуваат своите забелешки кон осигурителните компании со цел да се подобри нивната задничка соработка и доверба, изјави Ленче Николовска, посебен советник за земјоделство, шумарство и водостопанство на Претседателот на Владата.
Трибините продолжуваат и во други градови низ државата, за да се постигне поголема информираност и значително зголемување на земјоделското осигурување.
Следната средба е во Тетово на 4 јули.
М-р Билјана Петровиќ
Share

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *