Шумската полиција до средината на мај ќе добие колективен договор

Вести

Вработените во шумската полиција преку протест пред Министерството за земјоделство побараа од министерот Љупчо Николовски подобрување на условите во кои работат. Повикаа да им се платат прекувремената работа и одењето во смени, како и итно да се потпише колективен договор. Ако во наредните недели не најдат заедничко решение за проблемите со кои се соочуваат најавија радикализација на протестот.

„Доколку не ни излезат во пресрет најавуваме помасовни протести, а ако и тоа не вроди со плод крајна цел е генерален штрајк“, рече Никола Гаговски – претседател на независен синдикат на шумска полиција.

Од Министерството за земјоделство ги примија на разговор претставниците на синдикатот, а по средбата соопштија дека до крајот на мај годинава треба да завршат преговорите за потпишување колективен договор со Шумската полиција.

Како што соопшти Министерството за земјоделство, на вчерашната средба со претставници од Шумската полиција станало збор и за евиденцијата на прекувремени работни часови кои ќе се докажуваат со записници за одземање предмети и средства.

Се отворило и прашањето за материјало-техничките услови за работа на Шумската полиција, при што е договорено таа да има активна улога во измените и дополнувањата на Законот за шуми.

– Се дискутираше за постапката пред другите надлежни органи, со што ќе се увиди потребата од прекувремени часови. Се очекува до средината на мај да заврши процесот на преговори во однос на потпишувањето на колективниот договор, стои во соопштението на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство.

Во шумската полиција има околу 400 вработени кои се грижат за сечата на шумите, за нелегалниот и легалниот лов и риболов и за други тековни проблеми.

 

Share

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *