Словенија бара 100 тони македонски мед

Вести Пчеларство Совети

Во Македонија нема регистрирано препарати за заштита на пчелите, реагираат пчеларите. На одбележувањето на Светскиот ден на пчелата, кажаа дека се принудени да се снаоѓаат кој како знае и умее. Поради намалувањето на производството на мед, не знаат дали ќе има доволно за да го задоволат побарувањето за извоз во Словенија.

„Купуваме препарати за заштита од соседните држави. Разговараме со Ветеринарниот факултет за да се реши проблемот“, вели Менде Трајковски, претседател на Сојузот на пчеларски здруженија на Македонија.

Последниве години климатските промени, проследени со суша, мразеви и многу дождови, негативно влијаат врз пчеларството. Посебно ниските ноќни температури, зашто за да има нектар треба ноќните температури да се околу 15 степени.

Трајковски вели дека до скоро нашиот мед не можел да се пласира на европските пазари, но дека проблемите се надминале.

„Пред 30 дена имавме побарување за во Словенија, за 100-ина тони мед, и светол и темен. Се надеваме, ако годинава има производство на мед, можеби ќе успееме да го пласираме по добра цена. Нашиот мед е органски и држи повисока цена“, вели тој.

Во просек, едно пчелно семејство треба да даде околу 20 килограми мед. Последниве години оваа количина е намалена на околу 12-13 килограми. За да се намалат заканите за пчелите, предизвикани од климатските промени, интензивното земјоделство, пестицидите и загадувањето, вклучено е Министерството за земјоделство.

„Се врши континуирана едукација на земјоделците за примена на пестициди. Веќе е договорена и техничка поддршка од владата на Словенија за развој на модел за пребројување на пчелните семејства, што е многу важно за идните политики за развој на пчеларството, субвенционирањето и на другите мерки“, изјави министерот за земјоделство Љупчо Николовски.

На ниво на Македонија има 7.000 пчелари, со околу 230.000-240.000 пчелни семејства. Од Сојузот на пчеларски здруженија на Македонија велат дека има услови за зголемување на пчелните семејства. Како сојуз, бараат помош од инспекциските органи за спречување фалсификатите на мед да се продаваат како прав мед. Но велат дека се зголемува потрошувачката на мед во Македонија.

Пчеларството е субвенционирана дејност. Пчеларите добиваат по 10 евра од пчелно семејство. Од лани има зголемување на субвенциите на 800 денари, за оние што имаат од 50-100 пчелни семејства. Тоа е направено со цел оние што имаат под 50, да ја фатат горната граница, за да се зголемува бројот на пчелни семејства. За набавка на опрема, пчеларите можат да аплицираат за ИПАРД-средства.

Share

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *