Со 5,6 милиони евра се обновува регионалниот пат Велес – Градско

Вести

Регионалниот пат Велес – Градско (стариот пат Велес – Градско) комплетно се рехабилитира во должина од 20 километри. Инвестицијата е 5,6 милиони евра, обезбедни преку Јавното претпријатие за државни патишта (ЈПДП).

Министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски директорот на ЈПДП Ејуп Рустеми, денеска извршија увид во градежните активности, кои се очекува да завршат годинава.

При увидот тие остварија средба и со претставници на изведувачот и надзорот на која беа информирани за динамиката на градежните активности кои се реализираат на терен.

-Овој регионален пат е дел од вкупната инвестициона активност во модернизација на патиштата низ земјава. Денеска со директорот Рустеми на лице место се уверивме во градежните активности. Иако се минусни температури, изведувачот работи со предвидената динамика за овој период од годината, се работи на расчистување на трасата, на тампонирање на одредени делници и гребење на постоечкиот асфалт. Создадени се сите услови за времен режим на сообраќај со што сите граѓани од околните населени места можат да го користат овој пат согласно поставената сигнализација, изјави министерот Бочварски.

Директорот на ЈП за државни патишта, Ејуп Рустеми, истакна дека рехабилитацијата на овој регионален пат е во должина од 20 километри, патот се реконструира со променлива ширина на коловозот од 5,5 метри до 7,1 метар. Динамиката на работа оди според предвиденото темпо и се очекува да биде завршен оваа година.

Како што посочи Бочварски, како дел од заложбите за развој на централниот регион се гради и експресниот пат од Градско кон Прилеп, а се вложува и во реконструкција на локални улици и патишта.

При денешната посета на општина Градско, министерот Бочварски се сретна и со градоначалникот Киро Нацков, со кој потпишаа договори за реконструкција на две улици во општината во вредност од околу 12 милиони денари.

Share

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *