Собранието ги донесе измените на Законот за земјоделство и рурален развој

Вести

Пратениците во попладневниот дел на 116 седница по скратена постапка го изгласаа Предлог законот за изменување и дополнување на Законот за земјоделство и рурален развој, со што се овозможува подобрена и поефикасна искористеност на средствата по мерките од Програмата за финансиска поддршка на руралниот развој, со акцент на одржливоста.

Законското решение, поднесено од пратениците Татјана Прентовиќ, Панчо Минов, Мира Стојчевска, Далибор Богдановски, Реџаиљ Исмаили, Реџеп Мемеди, Мирослав Јовановиќ и Ристе Ташев, врши разграничување помеѓу ИПАРД програмата и Националната програма за рурален развој, со што средствата кои се доделуваат преку буџетот на Република Северна Македонија ќе бидат ефикасно спроведени без ризици од двојно финансисрање.

Пратеничката Мира Стојчевска, која е еден од подносителите на Предлогот, рече дека законот е предложен по скратена постапка, бидејќи сакаат средствата од ИПАРД да бидат максимално искористени и до крајот на годината, а за наредната година да може навремено да ги планираат и земјоделците и ЈП „Национални шуми“ и приватните сопственици на шуми.

– Имаме интервенирано во четири члена од законот. Член 67, кој се однесува за земјоделците, каде се зголемува помошта од 10 илјади на 20 илјади за млад земјоделец и во член 71 а, за помош на ЈП „Национални шуми“ за пошумување на оголените и опожарените површини, изјави Стојчевска.

Собранието, во рамки на денешната седница по скратена постапка го донесе и предлог законот за изменување на Законот за електронско управување и електронски услуги.

Share

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *