Соња Фузевска од Ресен: Мајка на 3 деца и успешен „Млад земјоделец“

Вести Интервју

Соња Фузевска од Ресен, има 38 години, и е мајка на 3 деца. Од минатата година заедно со нејзиниот сопруг започнаа активно да се занимааат со земјоделството, кое полека прераснува во главен семеен бизнис.

Фамилијата Фузевски е сопственик на овоштарник во село Избишта во Ресен, со површина од 3000м2, со вкупно 350 садници од сортата Ајдаред, стари од 18 до 20 години, од кои годишно произведуваат околу 15 тона јаболка. За „Современо Земјоделство“ раскажа дека заедно со сопругот решија да ги зголемат земјоделските површини, со што купија дополнително земјиште од 1,5 хектар, во село Болно, Ресен. Сега, кога трите деца и израснаа, земјоделството го гледа како просперитетна иднина за нејзиното семејство.

 

-Покрај овоштарникот, од минатата година, со сопругот, започнавме со органско производство на компир во село Болно, Ресен. Засадена е површина од 9000м2, а од веќе насобраните 3000м2, имаме принос од 6 тона. Употребуваме само органски препарати и тоа: инсектицид за компирите Ласер, Текамин макс, Оргалајф, и најбитно – сами си произведуваме природно азотно ѓубриво со коприва, ни откри Соња.

Фузевска минатата година за прв пат аплицираше на огласот „Млад Земјоделец“ и веднаш доби позитивен одговор.  Таа сега е горд сопственик на 8 парчиња приклучна механизација и тоа: машина за садење компир, машина за вадење на компир, култиватор за прашење и грлење на компирите, атомизер, платформска приколица, мулчер со тркало, двобразден плуг и тањирача.

– Главно земјоделците аплицираат за трактор, но мене побитна ми беше приклучната механизација. Сите машини чинеа околу 12.000 евра од кои 10.000 евра ги добив од државата, која посебно сега му поддава рака на младите. Многу сме среќни и задоволни, со многу поголема желба за работа, имаме сигурен почеток и не се грижиме веќе како ќе ја извршуваме секојднената работа по нивите, истакна Соња.

Таа ни откри дека сите машини се купени од локалната продавница Агро Гавро, кој постојано им помагал и ги советувал сите земјоделци во кои машини е најдобро да се вложи. За „Современо Земјоделство“ истакна дека посебно се задоволни од неговата заложба и професионалност.

Она што според неа е најбитно во земјоделството е пласманот односно сигурниот откуп.

-Во моментов јаболката ги продаваме во локални фирми во Ресен. Органскиот компир го продаваме приватно на луѓе кои сакаат здраво да се хранат и го ценат вкусот на органското производство.  Сигурна сум дека доколку станеме дел од европското семејство, каде посебно се цени органското производство, ќе ни се отворат големи, нови можности за пласман, ќе научиме нови европски техники, па секако дека и би го зголемиле производството, рече Соња.

Соња и нејзиното семејство имаат трактор стар 30-ина години. Следна цел им е да аплицираат на претстојниот ИПАРД оглас за да купат нов трактор со кој побро и поефикасно ќе ја извршуваат работата.

-Работиме за децата, да им обезбедиме убава иднина во родниот крај. Ќерката која има 11 години и синот кој има 6 години, активно се вклучени во целокупната работа, и многу ни помагаат.  Се надеваме на убава и просперитетна иднина за сите нас, рече Соња.

На крајот од разговорот, таа им даде совет на сите кои се занимаваат или се двоумат дали да започнат семеен агро бизнис.

-Најбитно е никој да не се срами од земјоделството и уште побитно да не се срамат од работа. Кој не пробал, не добил, затоа апелирам секој да си ја проба среќата и да аплицира на активните огласи како „Млад Земјоделец“ или Ипард. Младите да не ја бараат среќата надвор, тој што сака да работи има и овде работа и поволни услови и одлични можности за семеен агро бизнис, истакна Соња.

 

М-р Билјана Петровиќ за Современо Земјоделство

 

Share

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *