Стабилен откупот на раноградинарските производи во струмичко

Вести Полјоделство

Бугарија, Романија, Украина и поранешните југословенски републики, ова се пазарите на кои во моментов се извезува градинарското производство од струмичко.

После  лошиот старт на сезоната со откупот на пролетната зелка и ниските цени кои беа причина за протести на дел од производителите,   пазарот е стабилизиран, а откупот тече без проблем.

Според претставниците на земјоделските здруженија освен што е зголемена побарувачката, засега немаат проблем ниту со цените.

Во моментов цената на доматите во зависност од сортата се движи од 30 до 50 денари за килограм, зелката е 25 , благата пиперка од 40 до 45, додека лутите пиперки се откупуваат од 80 до 90 денари за килограм или од 2 до 2,5 денари по парче.

-Пазарот се стабилизира  и побарувачката се зголеми, така да цените отидоа нагоре. Мислам дека сега имаме добри цени колку толку да кажеме,  за краставицата, за зелката. Сметам дека во иднина треба да се преземат одредени мерки, чекори,  да се направи на неделна откупна цена да биде , да има претставници како стариот , бившиот конзорциум. Да има претставници од МЗШВ, да има претставници од земјоделците, да има претставници од трговците, вели Ванчо Митев, Здружение на градинари.

Една од главните причини за овој позитивен тренд е намаленото производство . Од откупните пунктови велат дека и покрај побарувачката немаат доволно количини за да одговорат на потребите на пазарите на кои извезуваат. Од таму додаваат дека освен кај нас, намалено производство пред се поради лошите времески услови има скоро во сите европски земји каде тие работат,  поради тоа и дошло до недостиг на градинарски производи.

Земјоделските производители се надеваат дека трендот на зголемена побарувачка и добри откупни цени ќе продолжи, а тоа од што во моментов стравуваат се неповолните временски услови кои може да предизвикаат голем број на болести и да направат сериозни штети.

Share

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *