Стопанската комора со грант од ФИТР обезбеди машини за четири компании во вредност од половина милион евра

Вести

Претседателот на Стопанската комора на Северна Македонија Бранко Азески, во придружба на потпретседателите на Комората, Глигор Цветанов и Анета Трајковска, ќе посетат две компании од источниот дел на земјава, за кои Стопанската комора, заедно со уште други две фирми, првпат обезбеди директна финансиска поддршка со грант од Фондот за иновации и технолошки развој.

Со грантот во износ од 499.905 евра се набавени 23 машини во четирите фирми, потребни за зголемување на конкурентноста на производите.

– Главната цел на проектот беше зголемување на продуктивноста, намалување на трошоците и раст на извозната конкурентност на компаниите преку набавка и инсталирање на нови машини и опрема. Вкупниот буџет на проектот е во вредност од 1.088.536 евра. Четириесет отсто од средствата се неповратна помош преку проектот на Комората од ФИТР, додека останатите средства се кофинансирање од страна на компаниите. Дополнителна придобивка за компаниите е што имаа можност за поврат на ДДВ, кој се плаќаше при набавка на самите машини, што значи дека неповратниот грант за компаниите изнесува околу 50 проценти – соопшти Стопанската комора.

Компанијата „ТМ Штип“ со набавка на три автоматизирани машини во вредност од 242.000 евра го подобрува производниот капацитет, квалитетот на финалните производи и ја зголемува ефикасноста на трошоците.

„АгроБар“ Виница со нови три автоматизирани машини и компресор за производство на земјоделска механизација вредни 216.000 евра, целосно го автоматизира процесот на производство што значително ја зголемува можноста за нова производна палета на нови производи за потребите на компании од други индустрии во регионот и пошироко.

– Успешно реализираниот проект на Комората со кој преку директна финансиска поддршка се поттикна поголема конкурентност на четирите македонски компании што стимулира поголема извозна активност, е само потврда дека Фондот за иновации и технолошки развој треба и следната година да проектира финансиска поддршка на бизнисот и тоа да преставува континуирана програма за поддршка на стопанството, наведува Стопанската комора.

МИА

Share

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *