Сузбивање на јаболковиот црв

Вести Совети

Јаболковиот црв (Cydia = Carpocapsa pomonella) е економски најзначаен штетник на јаболкото. Се јавува редовно секоја година, а во одредени години во лошо заштитените овоштарници може да оштети и повеќе од 80% од плодовите. Штетите ги причинува гасеницата, изгризувајќи ходници низ плодот од јаболкото со што им се намалува пазарната вредност и можноста за чување. За успешна заштита на јаболката од нападот на јаболковиот црв неопходно е добро познавање на неговата биологија и постојано следење на развојот.

Во Македонија јаболковиот црв има две генерации годишно. Презимува како возрасна гасеница во кокона, најчесто во пукнатините на кората од стеблото од јаболката. Во текот на април гасеницата се кукли на местото каде што презимила, а првите пеперутки, зависно од временските услови, почнуваат да излетуваат кон крајот на април или почетокот на мај. Мажјаците се појавуваат од 2 до 5 дена пред женките. Најинтензивниот лет е во мај и трае сè до крајот на јуни.

Пеперутките во нормални услови живеат околу 20 дена и во текот на животот најчесто полагаат од 30 до 80 јајца. Женките од првата генерација полагаат помалку јајца од женките од втората генерација. Втората генерација на пеперутки почнува да се јавува кон крајот на јуни и е поштетна од првата бидејќи ги оштетува речиси зрелите плодови. Посебен проблем при заштитата од јаболковиот црв претставува продолженото излетување на пеперутките од првата генерација поради што доаѓа до преклопување на генерациите и затоа во практиката се вршат 5 до 7 инсектицидни третирања. Ова го поскапува производството и ги загадува плодовите со пестициди. За намалување на бројот на хемиски третмани се препорачува намалување на бројноста на еклодирани пеперутки со примена на непестицидни мерки на заштита и тоа:

Поставување на ловни појаси од ребреста хартија околу стеблата на јаболката за ловење на гасениците кои се подготвуваат за презимување или куклење. За првата генерација ловните појаси се поставуваат во мај, а се отстрануваат кон средината на јуни. За втората генерација се поставуваат во јули, а се отстрануваат по бербата на јаболката. По отстранувањето, ловните појаси, заедно со уловените гасеници, се спалуваат. Пожелно е и отстранување на паднатите црвливи плодови од овоштарниците.

Поставување на феромонски диспензери кои долготрајно испуштаат феромони во воздухот и ги оневозможуваат мажјаците да ги оплодат женките. За ефикасна примена на овој метод потребно е да се употребат 800 до 1.000 диспензери на 1 хектар јаболков насад.

И при хемиската заштита на јаболковите насади, мошне важен дел од заштитата е поставувањето на феромонски ловни мамци за утврдување на летот на пеперутките и следење на полагањето на јајцата на плодовите и нивниот развој е мошне важен дел од заштитата. Доколку се вршат хемиски третмани, најдобро е во фазата на полагање на јајцата да се изврши третман со некој препарат од групата на регулатори на порастот (ИГР препарати). Тие имаат специфично дејство и ниска токсичност поради што нарушувањата на агро-екосистемот се минимални. Во случај да не се изврши ова третирање или популацијата на јаболковиот црв да е мошне висока и да има потреба од дополнително третирање, тогаш се употребуваат инсектициди со силно контактно и пенетрациско дејство кои би ги убиле и младите ларвички, кои се веќе плитко вбушени во плодовите.

 

Share

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *