Трибина во Новаци за „Договорно производство на Сончоглед“

Вести Полјоделство Совети

Од неодамна се појави иницијатива од страна на директорот на Комбинатот „Благој Ѓорев“- Велес, Горанчо Лазов,  за зголемување на површините под сончоглед преку договорно производство со што земјоделците ќе добиваат регрес семе и други репроматеријали, а ќе имаат и загарантиран откуп. Иницијативата е во соработка со Владата, од посебната советничка за земјоделство на претседателот на Владата, Ленче Николовска, и од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство. 

Синоќа се одржа ТРИБИНА во Општинската сала во Новаци, за сите производители на СОНЧОГЛЕД и заинтересирани земјоделци за промена на културата.

Имаше голема посетеностт а пред присутните се обратија директорот на фабриката за масло „Благој Ѓорев„ – Велес, Горанчо Лазов, претседателот на Асоцијацијата на производители на Сончоглед, Никола Петковски, и Ангела Ѓероска Ѓуровска, од БиоАграр.

-Комбинатот „Благој Ѓорев“ има капацитет за преработка на 40.000 тони сончоглед, а моментално откупува само 2000 тони од домашно производство. Останатото го увезува од Бугарија за што се одлеваат девизи од државата. Токму затоа се иницира кооперантски односи со земјоделските производители во квалитетно семе, репроматеријали, а се гарантира и откупот по пазарни цени, истакна Лазов.

Претседателот на Асоцијацијата истакна дека секој земјоделец може да пополни Пристапница за да биде дел од Асоцијацијата на производители на Сончоглед и сите потребни информации да може да ги добива за договорното производство.

Со поддршка на оваа кампања е и Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, кое во новата програма за финансиска поддршка за 2019 година, ги зголеми субвенциите за сончогледот и тоа 15.000 денари по хектар со користен сертифициран семенски материјал и 23.160 денари за сончоглед со користен сертифициран семенски материјал за земјоделски стопанства со површина од 5 до 50 хектари.

Враќањето на сончогледот на македонските ниви е многу важен процес кој ќе придонесе во решавање на проблемот со пласманот на пченицата, обработување на напуштени земјоделски површини како и намалување на трговскиот дефицит преку намален увоз на суров сончоглед за преработка но и увоз на сурово масло кое понатаму преработувачките капацитети во државата ќе можат да го набавуваат од домашно производство.

Земјоделците кои присуствуваа на трибината со особено внимание ги следеа излагањата на сите релевантни чинители во процесот, а се вклучија и со прашања кои беа во интерес на поголема успешност на кампањата за договорно производство на сончоглед.

Се очекува оваа пролет, значително зголемување на површините под сончоглед, со што првата година од кампањата ќе биде многу успешна и ќе биде поттик и мотив за уште посилна кампања со што уште повеќе ќе се зголеми јавната свест за придобивките од договорното производство.

 

М-р Билјана Петровиќ за „Современо Земјоделство“

 

Share

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *