Турската агенција Тика донираше 1.000 ореови садници во Пехчево

Вести

Турската агенција Тика на овоштари од Општина Пехчево донираше 1.000 ореови садници од видот џендлер познати по квалитетниот плод. Садниците беа донирани вчера при официјалната средба меѓу градоначалникот на Општина Пехчево, Драган Тренчовски и координаторот на програмската канцелерија на Турската агенција за соработка и координација ТИКА, Ајтекин Ајден.

Градоначалникот Тренчевски ја изрази својата благодарност до ТИКА и до Турција за реализација на проекти токму во село Црник и во Пехчево.

– Би сакал да се заблагодарам на координаторот на програмската канцелерија на Турската агенција за соработка и координација ТИКА, Ајтекин Ајден за оваа донација и за соработката со нашата општина. Се надевам дека соработката ќе продолжи и во иднина со реализација на поголеми проекти, истакна Тренчовски.

Тој додаде дека проектот има за цел да обезбеди квалитетно и продуктивно производство на ореви врз основа на современите техники.

– Садниците ги подигнаа 20 земјоделци од село Црник, кои претходно се пријавиле на огласот како потенцијални одгледувачи на ореви, а беа доделени над 1.000 садници од сортата Џендлер која е позната по високиот приход и квалитетен плод. Успешноста на проектот може да овозможи економски просперитет во општината и намалување на миграциите во селото. Нашето подрачје располага со идеални услови за одгледување на ореви, додава Тренчовски.

Програмскиот координатор на агенцијата „Тика“ за Република Македонија, Ајтекин Ајден изјави дека со оваа донација може да се придонесе за економскиот развој на земјоделците од оваа област.

-Проектот го започнавме од Западна Македонија. Наша цел е намалување на миграцијата од овие делови на Македонија. Сакаме да создадеме место, каде што нашите сонародници ќе можат да продолжат да живеат и со тоа да придонесеме за економскиот развој на земјоделците од оваа област, што истовремено ќе овозможи и економски развој на општина Пехчево, но и на Македонија, нагласи Ајден.

Соговорниците изразија отвореност за соработка помеѓу Агенцијата ТИКА и општина Пехчево и за реализација на проектот за регулирање на речното корито во село Црник и изградба на патот до турските гробишта.

Share

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *