Тутунарите ќе преговараат со откупувачите за новата реколта

Вести

Тутунарите се задоволни со зголемениот износ на субвенциите за тутунот, кои ќе важат за реколтата 2017. што сега се откупува.

– Воедно да не брзаат со склучувањето на договорите со откупувачите зашто ќе се преговара за цените по класи, изјави Кире Неделковски, претседател на Сојузот на тутунските здруженија на Македонија на денешната средба со новинарите во Прилеп.

Според Неделковски тутунарите ќе добијат повеќе пари зашто главно тутунот се откупуваше во прва и втора класа.

– Нашите анализи покажуваат дека најголемите количества, околу 9.000 тони од ланската реколта што се откупени се во прва класа, 13.000 тони се во втора, 1.500 тони се во трета и само околу 200 тони се откупени во четврта класа. Значи, тутунарите главно ќе земат субвенции за прва по 80 денари за килограм и за втора класа кои сега се 70 денари, рече Неделкоски.

Тој вели дека е зголемен интересот за новата реколта тутун и се надеваат дека за околу 2.000 до 3.000 тони ќе биде поголема годинашнава реколта. Сојузот на тутунските здруженија апелира до тутунарите да не брзаат да ги потпишуваат договорите со откупувачите, зашто ќе се преговара за повисоки цени по класи.

– Има време, тутунарите да не брзаат да склучуваат договори со откупувачите за новата реколта тутун, зашто ниту еден од девете откупувачи во земјава до Сојузот нема доставено предлог договори со цените по класи. Во тек сме со преговорите со откупувачите и очекувам дека ќе постигнеме повисоки цени, барем за 30 денари повисоки цени за секоја класа, а ќе настојуваме да се намалат разликите во цените од класа до класа, вели Неделковски.

Share

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *